Со „doodle art“ до волшебни креации
За сите оние кои не се запознаени со овој вид на уметност, треба да знаат дека првично таа претставувала дела кои се создаваат додека вниманието е одвлечено од некоја друга дејност, како чкрткање додека зборувате на телефон.
Но, во денешно време, оваа техника претставува интересен начин да ја изразите својата индивидуалност, создавајќи дела кои се сосема различни од обичните чкртаници на предната страна на вашата тетратка.
Понекогаш, бидејќи критичарите сметаат дека секој може да ја работи оваа техника, многумина ја потценуваат оваа форма на уметност.
„Doodle art“ e тип на уметност која бара голема креативност, навистина добра концентрација при изработката и пред сè трпение за да сето тоа да биде монументално.
Крајниот резултат, кој претставува комбинација на детски „чкртаници“ и искуство од областа на ликовната уметност, е една волшебна креација која секој би посакал да се најде на некој од неговите ѕидови.
Доколку и вие сакате да го искористите вашето слободно време за да создадете нешто магично, а имате доволно креативност и трпение за да го работите, ви предлагаме да ги погледнете следните фотографии кои се изработени од Ивана Горичан, студентка на ликовната академија во Скопје.
Горичан подолго време се занимава со овој тип на уметност, па можеби тоа ќе биде инспирација за да и вие навлезете во светот на „doodle art“ и да ја развиете својата креативност.
Пробајте, ви посакуваме пријатна забава во играта со мислите, креативноста и способноста да се создаде нешто прекрасно.
Н. Буџак | Црнобело