„Onlyfans и другите платформи за возрасни се забава и брза заработувачка или виртуелни макроа? Јас се ежам од нив!“ (18+)
- Детали
- четврток, 17 август 2023
Млади девојки и момци се откажуваат од своето образование, од факултетска диплома, од веќе сериозни кариери за да креираат содржини за платформата за возрасни Onlyfans. Изгледа си мислат: „Па, зошто да работат осум часа дневно за мала плата, кога само со фотографирање на себеси разголени веќе ја имаат годишната заработка?“ Проста математика, но без морални вредности.
Секојдневно на социјалните мрежи гледам објави за платформите за возрасни Onlyfans, Fiestafans, Privacy... Девојки, момци и парови си ги рекламираат своите профили за да добијат повеќе претплатници, а со тоа и поголема заработка.
И додека на Инстаграм и Фејсбук горди ги споделуваат линковите од своите профили со сочни фотографии со мала цензура, јас се прашувам од каде им е храброста да се експонираат себеси и својата на интима за пари, за 10 долари месечно.
Овие платформи се замислени за креирање на содржини, и секој кој има профил, добива претплатници кои плаќаат на дневно, месечно или годишно ниво за да имаат пристап до фотографиите и видеата.
Но, многу брзо, таа содржина стана експлицитна, вулгарна и едноставно, порнографска.
Од тие профили на овие брзорастечки платформи, 98% се со сексуална конотација и тоа од женски род.
Сексапилни фотографии, сочни коментари, екстра плаќање за приватни видеоповици и продавање на сè и сешто, од користена долна облека, воздух во тегла и добропознатите фотографии од стапала.
А ако барате на форуми или блогови, мислењата околу овие платформи се навистина поделени. За едните тоа е само бизнис, само размена на фотографии и без никаков физички контакт, додека за другите е само онлајн проституција, трети пак велат, бидејќи нема физички контакт е само порнографија.
Но, од која страна и да се гледа, сепак станува збор за продажба на телото, бидејќи тоа, е фокусот на сите фотографии и видеа, без таа голотија и провокација, нема бизнис.
И, тоа што ме чуди, е гордоста да се споделуваат овие содржини на социјалните мрежи, отворено да се разговара за заработката и за поддршката од семејството.
Очигледно, јас сум сè уште во минатиот век, бидејќи сета оваа порнографија не ми е со високо морално ниво.
И да, секој е сопственик на своето тело и има право со него да прави што милува!
Но, се прашувам, зарем не им е страв од последиците?
Никогаш нема да се знае кој е од другата страна на екранот и до каде таа личност е подготвена да оди ако се заљуби или опседне со својата виртуелна дама во секси пози. Во светот на интернет лесно е да се дознаат дури и домашните адреси, а многумина од корисниците ги користат своите вистински имиња.
Деновиве на интернет случајно ми излезе следнава понуда за работа:
Работа во странство: Маркетинг компанија бара модели и инфлуенсери за работа на OnlyFans платформа.
Предности на работата:
3 топли оброка дневно
Вклучено сместување во студио со камери
Редовна исплата на плата и пензиско
Звучи интересно, и за многумина примамливо? Според бројот на коментари, очигледно е дека има голем интерес за позицијата.
Не се бараат дипломи, нема потреба од образование, ниту пак искуство, ама исто така не се ни споменува што ќе снимаат моделите и инфлуенсерите. Но, читаме меѓу редови и сликата е јасна!