Познати дами кои никогаш не се појавиле на Мет Гала – и веројатно нема ни во иднина
- Детали
- среда, 08 мај 2019
Додека целиот свет е под импресии од неодамна одржаната манифестација, се чини дека на одредени моќни жени баш и не им буди некаков посебен интерес ваквата парада на ѕвездите. Кои се причините што го избегнуваат настанот?
Речиси и да не постои славна фаца што не сонува да прошета по црвениот тепих на Мет Гала, најголемото модно случување во Њујорк. А, немаат сите среќа и да им се оствари. Списокот на гости кои се поканети го одобрува лично Ана Винтур, главната и одговорна уредничка на американското издание на Vogue.
Сепак, дури и таа некогаш е принудена да слушне „не“ како одговор. Ова се познатите дами кои никогаш не се појавиле на Мет Гала – и веројатно нема ни во иднина:
Оливија Палермо
Таа е светски призната икона на стилот, прва њујоршка трендсетерка и ѕвезда на модните недели во Париз и Милано. Со други зборови, Оливија Палермо совршено се вклопува на моден настан како што е спомената Мет Гала.
Сепак, никогаш се нема појавено на настанот. Постојат гласини дека од некои причини не ја сака Ана Винтур. Нејзините претставници за медиуми одбиваат јавно да ги коментираат отсуствата.
Мерил Стрип
Некои луѓе саркастично тврдат дека оскаровката не е поканета на манифестацијата, бидејќи во филмот „Ѓаволот носи Прада“ го толкуваше ликот на Миранда, којашто е олицетворение на строгата Ана Винтур.
Меѓутоа, наведените шпекулации не се ништо повеќе од шега. Уредничката е и повеќе од паметна, за да си дозволи поради една таква ситница да изгуби гостин од калибарот на живата легенда Мерил Стрип.
Анџелина Џоли
Ниту еден црвен тепих во Холивид не може да помине без убавината на Анџелина Џоли. Меѓутоа, славната глумица не зачекорила на ниту едно издание на Мет Гала.
Претпоставките на многумина се дека ова се должи на нејзината презафатеност со филмските снимања, хуманитарните мисии, или, пак, грижата за семејството. Ама, не е така.
Будните очи на новинарите повеќепати ја забележаа актерката во Њујорк за време на одржување на манифестацијата.
Џенифер Анистон
Холивудската миленичка има позирано за насловната страница на магазинот Vogue во мноштво наврати. Џенифер Анистон е и во пријателски односи со главната уредничка Ана Винтур. Но, дури ни таа не учествувала барем на една Мет Гала. Можеби едноставно не сака да се облекува во „театрални“ костими.
Меган Маркл
Пред забавувањето со принцот Хари, таа не беше голема ѕвезда, а со самото тоа ниту доволно интересна за да биде поканета на Мет Гала. Денес нештата се сосема поинакви за Меган Маркл.
Од организацијата посакуваат таа и Кејт Мидлтон да ги почестат со присуство на црвениот тепих, призна Ана Винтур во интервју годинава:
„Би сакала да ги видам заедно војвотките од Кембриџ и Сасекс на Мет Гала. Важно ми е да ги видам. Може да дојдат и без нивните мажи. Посебно Меган – таа навистина влијаеше на мојот стил. Благодарение на неа, размислував да ја прегледам својата гардероба и да додадам повеќе костими.“
За волја на вистината, нејзините сонови тешко дека ќе се остварат. Членовите на кралското семејство ретко се појавуваат на вакви настани.
M. A. | Црнобело