Бебе Реџа без облека за Греми?!
- Детали
- среда, 23 јануари 2019
Откако мнозинството светски дизајнери ја одбиле за соработка, младата ѕвезда остана без гардероба за доделувањето на престижните музички награди кои ќе се одржат во февруари.
Причините се крајно разочарувачки за американската изведувачка со македонско-албанско потекло.
Кантавторката Бебе Реџа (29) за првпат ќе присуствува како номинирана за две награди на овогодинешното издание на манифестацијата Греми. За неа ова претставува остварување на сонот. А, истовремено и се претвори и во кошмар.
Во видеото што го објави на социјалната мрежа Инстаграм, таа револтирано изјави дека ниту еден од големите дизајнери на кои им се обратила, не сака да ѝ направи фустан за пригодата. Затоа што носи гардероба со конфекциски број од 6 до 8, сметале дека е „преголема“ за нив.
„Ако тоа е преголемо, тогаш не знам што да кажам. Веќе не ни сакам да ги облечам вашите фустани. Лудост е да кажувате дека сите жени во светот кои се моја големина или покрупни, всушност не се убави и не можат да ги носат. Одете по ѓаволите сите вие кои ме нарековте дебела и ме одбивте за фустан. Не сакам ништо од вас!“
Подоцна додаде дека во ред е на дизајнерите да не им се допаѓа нејзиниот моден стил, или, пак, музиката што ја создава, но не и да ѝ кажат дека не може да ја облечат бидејќи нема тело како манекенка од писта.
„Охрабрете ги жените да ги сакаат своите тела, наместо да правите девојките да се чувствуваат помалку вредни поради конфекциските броеви. Ние сме убави во сите величини. Мали и големи. И, за крај, мојот задник - осмица сепак ќе оди на Греми. Сакајте се сите!“
Признанието на Бебе Реџа наиде на лавина од реакции. Дел од фановите побараа да ги открие имињата на дизајнерите, за веќе никогаш да не купуваат од нив. Други, пак, ѝ се заблагодарија што јавно се стави во одбрана на дамите со облини. А, има и такви кои се понудија тие да ѝ обезбедат тоалета за црвениот тепих.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на 11 февруари, а како пејачката ќе одлучи да се појави – останува да видиме.
М. А. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





