Четврта конференција за е-трговија во Македонија: Продолжува растот на бројот и вредноста на онлајн трансакциите, како и бројот на нови е-продавници во С. Македонија
- Детали
- петок, 12 ноември 2021
СКОПЈЕ, 12.11.2021: Денес, во хотелот „DoubleTree by HIlton“ во Скопје под мотото „Ready, Set, Grow“, започна Четвртата годишна конференција за е-трговија на која присуствуваат речиси 500 учесници, а свое излагање ќе имаат 28 еминентни говорници од земјата и странство.
Дигитализацијата и дигиталната нација, безбедните и иновативни е-плаќања, влијанието на COVID-19 врз е-трговијата, новите трендови во дигиталниот маркетинг, како и улогата на жените во дигиталниот свет и е-трговијата ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ тринаесет презентации, еден неформален разговор и три панел сесии.
Конференцијата ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Д-р Нина Ангеловска која во својот говор истакна дека по забрзаниот раст предизвикан од COVID-19 пандемијата, предизвикот кој останува е да се задржи овој раст преку понатамошна трансформација кон дигитално и смарт општество и искористување на предностите на дигиталната економија и е-трговијата како интегрален дел од истата.
„Продолжуваме и понатаму посветено и со многу ентузијазам, заедно со сите засегнати страни, да работиме и да го искористиме овој неповторлив период за забрзување на трансформацијата, дигитализацијата и е-трговијата во нашата земја.“ – додава Ангеловска.
Ангеловска на конференцијата ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од извештајот со наслов „Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји”, кој содржи податоци за влијанието на Covid-19 врз забрзаниот раст на е-трговијата, како и колку од овој раст се задржал во 2021 година. Извештајот вклучува и податоци за профилот на македонскиот е-купувач (што купува, каде, колку?) и споредба со балканскиот и европскиот. Исто така анализиран е потенцијалот за развој на е-тровијата според релевантните индекси, а сублимирани се и иницијативите кои ги имплементира АЕТМ за забрзување на растот и развојот на македонската е-трговија.
Во 2020 година растот на вкупните онлајн трансакции изнесуваше 36.5%, но ова што е позначајно е дека се забележува значајна промена во структурата на трансакциите во полза на домашните е-трговици. Така растот кон домашните е-трговци во 2020 изнесувал 135%. Главното прашање кое се поставува колку од овој раст се задржал и по олабавувањето на рестриктивните мерки. Согласно последните податоци на НБРСМ, растот кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година изнесува 77% што укажува дека иако од повисока основа се работи за продолжување на трендот на раст со висока стапка. Во првите шест месеци 195 милиони евра се слеале кон домашните е-трговци, од кои 63% од домашни купувачи.
Позитивно е тоа што учеството на онлајн трансакциите во вкупните трансакции од 2% во 2019 се зголемило на 5% во 2020 година, како и податокот дека понудата во е-трговија постојано расте и во првите шест месеци од 2021 се отворени над 200 нови е-продавници.
На конференцијата ќе се обратат значајни странски говорници, меѓу кои би ги истакнале Габриел Гита, Потпретседател за бизнис развој за Централна и Источна Европа во Мастеркард, Романија, Шерон Гаи – Директор за глобални клучни клиенти во Алибаба, Константин Костадинов – Раководител на продажба за Централна и Југоисточна Европа во Вибер (Rakuten Viber), Ана Горка, Spotify партнер директор во Httpool, Срѓан Прокиќ - Раководител за е-трговија во AirSerbia, Отт Велсберг - Главен офицер за податоци во Влада на Естонија како и многу други.
Исто така, конференцијата ќе прикаже три панел дискусии модерирани од домашни експерти, Дамјан Дано ќе ја модерира панел дискусијата на тема “Поврзаноста на довербата технологијата и регулативата”, на тема “Како и зошто поголема вклученост на жените” ќе разговараат Филомена Пљаковска Аспровска од КаСис АД Скопје, Милица Весовиќ Денковска од Philip Morris International и Марија Томеска од Еуролинк, модерирана од Д-р Нина Ангеловска како жена амбасадор на УНКТАД и третата панел дискусија ќе биде на тема “Маркетинг лекции од регионалните пазари” каде модератор ќе биде Дарјан Раденковиќ.
Од АЕТМ уште еднаш го потенцираат одличниот интерес кој овие теми го имаат помеѓу македонската експертска јавност, а истото се потврдува и со големата заинтересираност за годинешното хибридно издание кое брои речиси 500 учесници од преку 150 компании, здруженија, организации и државни институции.