Интервју – проф. д-р Ана Кечан, директор на CELTA центарот при Меѓународен балкански универзитет
- Детали
- вторник, 02 ноември 2021
CELTA сертификатот обезбедува стекнување практични вештини на наставниците по англиски јазик и дава можност за престој и работа во странство, вклучително и онлајн ангажмани
Сите професори, наставници и предавачи кои предаваат англиски јазик, со посетување курс во CELTA центарот при Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) можат да се здобијат со меѓународно признат сертификат кој во иднина може да им отвори многу врати за работа и кариерен развој и надвор од државата. Но, и да се стекнат со практични вештини кои може да ги употребат и во класичната училница, и во контекст на онлајн наставата. CELTA центарот при МБУ минатата година стана единствениот овластен центар во Република Северна Македонија од Cambridge Assessment English, дел од Универзитетот во Кембриџ, за сертифицирање предавачи по англиски јазик (ELT) за студенти кои говорат други јазици. За тоа кои се бенефитите од поседување CELTA сертификат, за самиот курс, начинот на одвивање на наставата и друго, зборуваме со проф.д-р Ана Кечан, директор на центарот која поседува CELTA и DELTA сертификати добиени во Москва, односно Шпанија, и истовремено е и тутор на CELTA курсевите.
П: CELTA центарот при Меѓународниот балкански универзитет минатата година стана единствениот овластен центар во Република Северна Македонија од Cambridge Assessment English, дел од Универзитетот во Кембриџ, за сертифицирање предавачи по англиски јазик (ELT) за студенти кои говорат други јазици. Која беше причината во рамките на МБУ да се формира ваков центар?
О: МБУ е современ универзитет кој освен функција на образување студенти во идни професионалци, се труди да организира и други активности кои се врзани за образованието и научната дејност, како организирање предавања од еминентни експерти, организирање меѓународни семинари, симпозиуми, и слично.
Мотивацијата за отворање на CELTA центарот произлезе од неколку фактори. Со формирање ваков центар, ние им излегуваме во пресрет од една страна на сите професори, наставници и предавачи кои предаваат англиски јазик за да се здобијат со меѓународно признат сертификат кој во иднина може да им отвори многу врати за работа и кариерен развој и надвор од државата. A од друга, им овозможуваме да се стекнат со практични вештини кои може да ги употребат и во класичната училница, но и во контекст на онлајн наставата. Кандидатите се запознаваат со најсовремениот пристап во предавањето на англискиот како странски јазик и се стекнуваат со самодоверба во користење на истиот.
Најголема мотивација сепак беше моето долгогодишно искуство со работење со наставници по англиски јазик од целиот свет. Како прво, не само кај нас, туку и повеќето универзитетски програми за наставници, даваат предност на теоријата и речиси воопшто не се трудат да ги оспособат наставниците со најосновните практични знаења и алатки за тие да можат да влезат во училница со самодоверба и со вештини кои ќе ги оспособат нивните ученици да го усвојат англискиот јазик на ефикасен начин. Токму ова е еден од многуте аспекти на наставата кои ние, на CELTA курсот, ги покриваме и за кои ги оспособуваме наставниците.
П: Какви предности носи поседувањето на ваквиот сертификат?
О: Станува збор за сертификат кој е меѓународно признат, високо почитуван и претставува пример за квалитет, а истовремено е и најшироко прифатен сертификат во светот. Поседувањето сертификат за наставници од Кембриџ дава можност за престој и работа во странство, односно вработување во делот на наставата по англиски јазик каде било во светот, вклучувајќи и онлајн ангажмани. Многу често ме контактираат наставниците кои го завршиле курсот за да побараат моја препорака и така дознавам дека многу голем дел од нив веднаш наоѓаат работа во странство. Имаме наши наставници кои нашле работа во Кина, Турција, Австралија, САД, Саудиска Арабија, а од новите генерации многумина наоѓаат работа и онлајн.
П: Кој ја врши обуката на кандидатите за стекнување CELTA сертификат?
О: Обуката се врши од сертифицирани и искусни обучувачи или тутори на наставници одобрени од Кембриџ. Досега, користиме тутори од странство кои се родени говорители на англискиот јазик, а во моментов, во нашата земја, сме двајца обучувачи. Јас и колешката Искра Стаменкоска имаме CELTA и DELTA сертификати (следното, повисоко ниво) како и практична обука за тутори. Јас CELTA курсот го завршив во Москва во 2005 година, а DELTA во 2008 во Севиља, Шпанија. Од 2008 работам како тутор за CELTA и сум држела обуки кај нас, во Словенија, во Полска, во Чешка и во Ерменија.
П: За кого е наменет курсот што се организира во рамките на CELTA центарот на Меѓународниот балкански универзитет?
О: CELTA е дизајниран како почетен курс за следниве категории:
- наставници по англиски јазик без претходно искуство
- наставници по англиски јазик со искуство
- кандидати кои веќе предавале англиски јазик, но немаат формални квалификации за наставници
- кандидати кои немаат ниту искуство ниту квалификации, но многу добро владеат со англискиот јазик и би сакале да го предаваат
- наставници на други предмети кои сакаат да се преквалификуваат во наставници по англиски јазик.
П: Кои се компонентите на курсот и што се оценува?
О: Посетителите на курсот се дел од секојдневни работилници во кои се запознаваат со различните пристапи во наставата на вештините и системските области на англискиот јазик, но задолжително е и да предаваат одреден број часови на реални ученици по англиски (на нашите курсеви предаваат осум часа по 45 мин. на две нивоа). За часовите добиваат повратни информации од туторите и од нивните колеги и така учат како да се поправаат и како да се насочуваат кон сè подобро менаџирање на различните аспекти на предавањето. Тие, исто така, имаат можност да набљудуваат други, поискусни наставници, со малку или без искуство, нивните тутори, но и одреден број на видео опсервации.
Првата компонента што се оценува се часовите, а втората компонента се четирите домашните задачи кои покриваат различни аспекти на наставата. Не се полага испит или било каков тест, но за да се здобие кандидатот со сертификатот, треба да има позитивна оценка на часовите и три од четирите домашни задачи. Она што би сакала да го потенцирам е дека, иако курсот е интензивен, кандидатите имаат целосна поддршка од туторите. Секоја компонента подразбира тесна соработка и водство од страна на туторот. Курсот е еден органски процес на континуиран развој во кој кандидатот не е препуштен сам на себе, како кога се подготвува за некаков испит.
П: Оваа година за прв пат на МБУ беа организирани два курса за стекнување CELTA сертификат. Зимава повторно организирате ваков курс. Може ли да нѝ кажете нешто повеќе за овие курсеви?
О: Двата курса кои беа организирани летово во јуни и сега во септември беа онлајн курсеви, бидејќи поради пандемијата, Кембриџ го дозволи и ваквиот модус на организација. Ист ќе биде и јануарскиот курс, односно ќе трае 5 недели, а ќе се одржува преку платформата ZOOM. Следниот курс планиран за јуни 2022 ќе биде со физичко присуство и ќе трае 4 недели.
Нема ограничување на бројот на слушатели, но мора да се внимава да се обезбеди по еден тутор на 6 кандидати. Досега, нашите кандидати доаѓаа од редовите на нашите колеги и студенти од МБУ, но и однадвор.
Следниот курс почнува на 17ти јануари и ќе трае до 18ти февруари, 2022 година, а аплицирањето трае до 5ти јануари 2022. Нудиме и 10% попуст за сите коишто ќе уплатат до 1ви декември, 2021.
Заинтересираните кандидати, но и сите кои имаат било какви прашања може да ми се обратат на следната адреса Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или да дознаат повеќе на нашата веб страница.