АЕТМ: Растот во е-трговијата продолжува, 61% пораст на вредноста на онлајн трансакциите, 202 нови е-продавници во првите шест месеци од годината
- Детали
- среда, 06 октомври 2021
Согласно најновите објавени податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба за период од 6 месеци заклучно до 30.06.2021 година од страна на Народната банка на Република Северна Македонија трендот на пораст како на вредноста така и на бројот на трансакциите и понатаму е значителен.
Во првото полугодие од 2021 година вкупната вредност на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 168,7 милиони евра што претставува пораст од 61% во однос на истиот период минатата година. Или ако споредиме со 2019та во шест месеци оваа година се реализирле трансакции вредни речиси колку во текот на цела 2019 година т.е за само 4,2% помалку. При тоа во првиот квартал годинава остварени се 86,6 милиони евра, а во вториот квартал 82,1 милион евра.
Физичките лица во првото шестомесечие од 2021 година остваруваат 92.7% од вкупните онлајн транскации и притоа со побрз раст од 65,6% спрема растот на правните лица од 21,7% во однос на истиот период минатата година.
Во првото полугодие од 2021 година направени се 6,45 милиони трансакции што преставува пораст од 50% во однос на бројот на направените трансакции во истиот период минатата година, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена и таа изнесува 26,2 евра спрема 24,3 евра во истиот период минатата година. При тоа ако во првото полугодие минатата година просечната трансакција на правните лица била поголема (30,7 евра) во однос на физичките лица (23,8 евра) во 2021 година е скоро изедначена помеѓу правните и физичките лица.
Македонците потрошиле 123 милиони евра во првите 6 месеци од оваа година кон домашни онлајн продавници што претсавува 73% од вкупната вредност на направени онлајн трансакции.
Македонците во текот на 2021 година продолжуваат да ги ползуваат придобивките од онлајн купувањето и да купуваат од домашните е-продавници. Имено, во текот на првите шест месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 123 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 77,2% во однос на истиот период претходната година. По квартали во првиот квартал е остварена вредност од 65,3 милиони евра додека во вториот 57,7 милиони евра. 96,7% од вредноста ја остваруваат физичките лица и забележуваат понатамошен побрз раст од правните лица. Расте и вредноста на просечната трансакција оставерена од Македонците кон домашните е-трговци и изнесува 26,6 евра и тоа кај физичките лица 28, а кај правните 11 евра.
„Пандемијата значајно го поттикна растот на е-трговијата, па така забележавме трицифрен раст во вредноста на реализираните трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци во текот на минатата година. Во услови на забрани за движење и грижа за заштита на сопственото здравје се повеќе граѓаните се свртеа кон алтернативата на традиционалното купување - односно онлајн.
Сепак овие трицифрени стапки на раст беа од ниска основа, а едно од главните прашања кога станува збор понатамошниот развој на е-трговијата е дали овој раст ќе се задржи, со кое темпо ќе продолжи понатаму? Во првото полугодие од оваа година забележуваме раст од 77% во вредноста на трансакциите со домашни картички кон домашните е-трговци, споредено до 2020 година - овој раст е охрабрувачки ако се има предвид дека во споредбената основа од минатата година имаме три ковид месеци, односно вториот квартал од 2020 кога беа на сила и строги рестриктивни мерки.
Сепак како што речиси секогаш посочуваме, треба да се има предвид дека во овие статистки се земени сите реализирани трансакции онлајн, вклучително и оние за плаќање сметки. Се надевам дека трендот на ваквиот раст ќе продолжи и понатаму, како што и Асоцијацијата за е-трговија ги продолжува напорите, иницијативите и активностите со цел креирање поволна клима за забрзан раст на е-трговијата во земјава.” - вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска.
Странците кон домашните е-трговци во првото полугодие од 2021 година направиле 7,6 милиони евра односно 75% од истиот период минатат година. Просечната трансакција на странците кон домашните интернет продавници изнесува 36,2 евра.
Македонците во странство направиле трансакции вредни 38 милиони евра во првите шест месеци од годинава што преставува 22,5% од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции. Во однос на истиот период минатата година остварен е раст од 24%. Физичките лица оставруваат 78,3% од вредноста и имаат поголем оставрен раст од 26,2% спрема 15% на правните лица. Бројот на направените трансакции од Македонци во странство расте со 19% а просечната трансакција изнесува 23,5 евра, и тоа 19,5 евра од физичките лица и 88 евра од правните лица.
Во Македонија заклучно со 30.06.2021 година активни се 1.661 витруелни или интернет продажни места.
Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (интернет продажни места), заклучно со 30.06.2021 година во Република Северна Македонија активни се 1.661 продажни места. Во вториот квартал на 2021 година се отворени 109 нови виртуелни продавници, а заедно со отворените 93 во првиот квартал бројот на онлајн продавници во првото полугодие од 2021 година е зголемен за 202 нови во однос на декември 2020 година.
Споредбено со 30.06.2020 година кога бројот на активни е-продавници изнесувал 1.223, можеме да заклучиме дека за една година отворени се вкупно 438 нови е-продавници што претставува пораст од 36%.