Celebrate Life 10-ти јубилеј – Не заборавајте да танцувате!
- Детали
- среда, 25 август 2021
По повод 10-годишниот јубилеј на унисекс етикетата „Celebrate Life“ на графичкиот дизајнер Горан Костовски – ind.o.g, деновиве излезе новата ограничена серија Don’t forget to dance (Не заборавајте да танцувате).
Оваа серија е посветена на моментите кога танцуваме и славиме убави нешта и е инспирирана од сите случувања од последнава година, а воедно е навраќање на првата серија реализирана во 2011 под името Dance around (Танцувај наоколу). За овој јубилеј, продуцирани се графики изработени на сито печат и маици во лимитирана серија. Фотосесијата и видеото Dance around се дело на Ангела Стојковска од Frozen time drops, а на неа се појавуваат музичарот Матеј Фолц, Теодора и Виктор.
„Celebrate Life“ е платформа за дизајнирање унисекс облека и разни дизајнерски предмети создадена во 2011 година како реакција на најтешките мигови на нашето општество. Секогаш давајќи надеж и поддршка за секого од срце, Celebrate Life има за цел да го менува секојдневието, па така во 2020 година се роди подкастот посветен на менталното здравје којшто досега има продуцирано 43 епизоди и може да се слушне ТУКА и на сите streaming платформи.
Самоизолацијата и животот во пандемија отвори поемотивна страна последниве година и половина, па затоа и танцот е потсетник на патот кон себеспознавањето со намера да не бидеме сурови кон себе и да се посветиме на својот личен развој. Солидарноста е одлика на човештвото и никако не смееме да заборавиме дека светот и луѓето ќе се променат кога ние ќе станеме поодговорни за себе, за другите, за природата и животот, а дека емпатијата не е слабост!