Социјалното претприемништво и интеграцијата на ранливите категории тема на новиот документарен филм на Небојша Јовановиќ
- Детали
- петок, 20 август 2021
Во текот на август, филмската екипа предводена од режисерот Небојаша Јовановиќ, директорот на фотографија Дарио Секуловски и тонецот Илир Џељадини, престојуваше во Фондацијата Барка во Полска и го сними првиот дел од материјалите за документарниот филм на тема социјално претприемништво, социјални претпријатија и солидарна економија.
Целта е да се пренесе искуството за тоа како функционира овој систем во Полска и во Северна Македонија, за влијанието што го има врз заедницата и особено врз членовите на маргинализираните групи и нивната реинтеграција и ресоцијализација во општеството.
Овој документарен филм е финансиран од Амбасадата на Република Полска во Република Северна Македонија со поддршка на фондацијата Барка од Полска.
Домаќин на тимот во Полска беше Барбара Садовска, претседателка на здружението „Барка“, но и водач на тимот на проектот за поддршката на социјалните претпријатија во нашата земја, финансиран од Делегацијата на ЕУ.
Во изминативе неколку години г-ѓата Барбара Садовска несебично ја споделува својата страст и 30 -годишно искуство во областа на социјалните претпријатија и социјалното претприемништво со македонските институции, граѓанскиот сектор, на национално и локално ниво со цел да се создаде позитивен екосистем за имплементација и поддршка на социјалното претприемништво во републикава. Важна алка во создавањето општество кое нуди еднакви можности за сите, особено за членовите на ранливите и маргинализираните групи.
Вториот дел од документарниот филм ќе биде снимен во Република Северна Македонија, претставувајќи ги успешните примери на домашните социјални претпријатија, пионери на социјалното претприемништво кои активно учествуваат во развој на солидарната економија во нашата земја.
Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“, финансиран од ЕУ, е двогодишен проект кој вклучува подготовка на правна рамка за социјални претпријатија, извори на финансирање и поддршка, градење капацитети на социјални претпријатија и организации со економски активност, промоција и градење свест за социјално претприемништво, социјални претпријатија и солидарна економија.