Меѓународниот балкански универзитет прерасна во најголем приватен универзитет во земјава
- Детали
- четврток, 08 јули 2021
(Скопје, 08.07.2021) - Меѓународниот балкански универзитет стана најголем приватен универзитет во земјава прераснувајќи во прв избор за студентите.
Тоа го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за академската 2020/2021 година, според кои со вкупно запишани 2024 студенти, МБУ има најмногу студенти во споредба со другите приватни универзитети во државата.
„Довербата што ни е дадена од новозапишаните студенти е само потврда за она за кое се залагаме во нашата работа и вредностите кои ги зацврстуваме. МБУ е создаден на идејата да овозможи интернационализација на високото образование, да ги отвори вратите за мобилност и меѓународно образовно искуство за студентите, да создаде професионалци кои се конкурентни секаде и преку својот истакнат меѓународен карактер да ги пренесе глобалните знаења и искуства. Сето тоа е признаено како од новите, така и од веќе запишаните студенти. Заедно со нашите студенти продолжуваме да создаваме вредности кои на крајот се одразуваат со бројни предности не само за нашата држава, туку и за регионот и пошироко”, изјави Висар Рамадани, генерален секретар на МБУ.
Меѓународниот балкански универзитет оваа година прославува 15 години од основањето, а токму со овој јубилеј го трасира и патот за идниот развој на универзитетот, но и понатамошниот придонес како реномирана општествено-одговорна институција. Во оваа насока, МБУ неодамна доби акредитација за основање Факултет за дентална медицина и Висока медицинска школа, кои се очекува да почнат со работа во академската 2021/2022 година со нов објект во рамките на универзитетскиот кампус, со најсовремени лаборатории и професионален кадар кој на идните генерации ќе им понуди светски стандард на образование во медицинските и здравствени науки во Скопје. Дополнително, универзитетот оваа година ќе продолжи со инвестиции и ширење на кампусот со нов модерен студентски дом за преку 400 студенти.