Симфони Дигитал заслужува аплауз: ИТ компанија од Скопје со својата работа помага на развојот на помали надежни локални бизниси
- Детали
- понеделник, 05 јули 2021
Партнери им се четири светски компании кои се на првите десет места на листата на „Fortune500“, а клиенти фирми кои произлегле од Стенфорд и Харвард, сепак во Скопје најблиски соработници им се мали локални бизниси со кои негуваат посебен однос.
Приказната на Симфони Дигитал освојува на „прва“, нивниот деловен стил инспирира и иако е реткост дома, носи надеж за промени и овде. Симфони Дигитал е компанија која примарно се занимава со компјутерско програмирање, а ИТ компаниите секако се свежина, лидери во деловниот свет по многу карактеристики. Оваа скопска компанија е дел од Групацијата Симфони која пак постои повеќе од 15 години. Станува збор за брзорастечка фирма чиј што стил на работа се разликува од оној на кој сме навикнале овде. Глобално таа стои рамо до рамо со најкреативните претприемачи во Силиконската долина и глобалните играчи во светот. Развојниот центар во Скопје е основан во 2019 година, а денес работи со тим од 50 искусни професионалци. Но, зошто заслужуваат аплауз и како успеаја и во услови на пандемија, работата да ја прилагодот така што ќе помогнат на развојот на други, многу помали, помалку познати, а надежни мали бизниси?
Изминатата година беше една од најпредизвикувачките во историјата. Кога пандемијата на коронавирусот го донесе најголемиот предизвик – компаниите кои се посветени на поддршка на своите локални заедници беа дел од здружената поддршка која беше неопходна. Во Симфони Дигитал, во рок од само 48 часа се прилагодија на „новото нормално“. Како и со секој предизвик, многу реално, агилно и ентузијастички пристапија кон новото поглавје што подразбираше континуирана поврзаност и поддршка каде што има потреба. Покрај континуираната грижа за својот тим со низа имуно пакети, целосна работа од дома и поддршка за психо-физичкото здравје на целиот тим, Симфони Дигитал донираше и 30.000 евра на Министерството за здравство за полесно справување со пандемијата уште на самите почетоци на пандемијата. Но тоа беа само почетоците кои ја отсликуваат нивната култура на поддршка. Определбата на оваа ИТ компанија да го одржи системот на работа константен, но да направи дополнителен поттик за компанијата и за тимот значела соработка со некои скопски компании на кои токму таа поддршка им била клучна да ги одржат своите бизниси на исто или барем слично ниво како и претходно во специфично тешките пандемиски околности. Така јавила идејата за воспоставување или продалбочување на соработки со микро и мали бизниси, храбри локални приказни кои својата почеток го имале за време на пандемијата или храбро ја водеа за време на кризата.
Успехот на секој вработен е важен, па во Симфони Дигитал сите успеси на секој поединец или тим се препозаени, што пак подразбира и специјален подарок, уникатен, а изработен со посебни емоции. Соодветно на нивниот труд, посветеност и работа кои вродиле со успех. За тоа се задолжени од „Еснаф“. Соработката со нив плени оти тие се социјално претпријатие кое обединува повеќе од 100 занаетчии и ги поддржува преку пласирање на нивните производи во Македонија и надвор од неа. Дел од занаечиите се лица од ранливи категории - самохрани родители, лица со попречености, со Даунов Синдром, жени со малигни заболувања. Профитот од продажбата се враќа повторно кај овие лица од ранливи категории. Соработката со Симфони Дигитал била случајна, но сега е многу честа.
„Оваа соработка е значајна за нас, бидејќи „Еснаф“ е во своите зачетоци и кои не се нималку лесни во време на пандемија. Секоја нова соработка со компанија е надеж за нас дека полека тие стануваат општествено одговорни и е показател дека тоа што го правиме придонесува за развој и позитивни промени во заедницата, велат од „Еснаф“.
Секој развоен центар на Групацијата Симфони е посебно дизајниран на начин кој поттикнува соработка и стимулира пријатна атмосфера во одлично окружување.
Во Симфони Дигитал знаат дека секое растение е нова свежина. Од лани во октомври, токму во време на екот на пандемијата нов соработник им станала скопската компанија „Плантопија“ - гарден центар во кој може да најдете растенија за внатрешно и надворешно уредување. Таа функционира токму од тогаш. Во најпредизвикувачкиот период за работа, соработката со Симфони Дигитал била клучна.
„Симфони Дигитал не контактираа за консултација и помош за нивните растенија кои беа оставени сами на себе во канцелариите каде не се одеше на работа. Така почнавме, но кога канцелариите повторно се активираа продолживме со озеленувањето и освежувањето на просторот. Драго ни е што ни ја дадоа целосната доверба а ние ги исполнивме сите нивни очекувања, децидни се од „Плантопија“.
Соработката им продолжува, согласно новата хибридна иднина. Комбинацијата на работа од дома и работа од канцеларија станува нова нормала, а терсата на Симфони Дигитал во центарот на градот, покрај еден од најубавите погледи доби нова свежина од истиот тим, соодветно на стандардите на Групацијата Симфони.
А „Крафтс“ е мала печатница која постои веќе четврта година. Со неа работат на сите мали и големи проекти поврзани со брендирање на производи или промоција на фирмата. Тоа што за Симфони Дигитал било важно успеваат да го испорачаат токму „Крафтс“ – нарачките да стасаат брзо. Изработуваат рекламен материјал, а успеваат со само двајца вработени.
„Како и за сите останати компании, секој клиент е значен. Не секогаш квантитетот е битен, потребно е да се излезе во пресрет на барањата од нашите клиенти секогаш кога тоа е потребно за краток временски период, велат од „Крафтс“.
За канцелариските материјали, пак целосно се довериле на „Кинетик груп“. Тоа е исто така мала компанија со пет вработени. Фирмата поседува и сервис за куќна достава на производи по нарачка на заинтересирани лица и компании, што особено достигна подем во времето на пандемијата. Во тој период значително се продлабочила и соработката со многу деловни партнери, но и со Симфони Дигитал.
„Соработката со Симфони Дигитал започна од самото нивно основање, а растеше и се развиваше соодветно на околностите. Поради условите што ги предизвика пандемијата и појавената потреба за снабдување на граѓаните кои беа принудени да останат во своите домови и вработените да работат од дома, се интензивираше неопходноста од достава на производи до домовите. Таков е случајот со фирмата Симфони Дигитал со која првично соработувавме на база на достава на канцелариски материјали и опрема, а со проширувањето на нашата дејност и кретивноста на Симфони Дигитал за грижа на нивните вработени, соработката беше корисна и пријатна за двете страни, објаснуваат од „Кинетик груп“.
Една од старите добри традиции на Групацијата Симфони се и нивните кувари кои на дневна основа приготвуваа здрави и вкусни оброци за тимот. Дружбите во овие моменти беа од исклучителна вредност. Оттука, и во работењето од дома, Симфони Дигитал сакаа да зачуваат дел од своите традиции, па токму нивниот четврток посветен на различните светски кујни го донесоа до домовите на секој вработен во Скопје
Задоволството е кај двете страни, а кога се зборува и за потреба и за уживање, храната е клучна. За тоа вработените од Симфони Дигитал најмногу им веруваат на Pork&bread. Работат само осум месеци и впрочем една од првите поголеми нарачки по отворањето, била за тимот на Симфони Дигитал. Pork&bread имаат малку поразличен концепт на функционирање, исто како што поразлични од сите се и Симфони Дигитал.
„Соработката со Симфони Дигитал беше сосема случајна. По препорака организиравме достава на оброк за секој вработен, бидејќи во време на корона сите работеа изолирани од дома. Тоа прерасна во некоја неформална навика - на одреден период вршиме достава само го менуваме продуктот, велат од Pork&bread.
Секако има уште многу примери. Сите ја отсликуваат другата големина на Симфони Дигитал. Остатокот од успешноста е импресивен, оти таа компанија има изгледи за уште многу поголем раст. Растот е планиран и за развојниот центар во Скопје. Моментно нивни корисници се компании од САД, Германија и Холандија во повеќе сектори – биотехнологија, музичка индустрија, соларна енергија и персонализирана медицина. Нивните целосно интегрирани тимови покрај останатото работат и на машинско учење и вештачка интелигенција, проширена реалност (орг. augmented reality), во различни индустрии.
Групацијата Дигитал има канцеларии во Сан Франциско, Амстердам, Берлин, Лондон, Копенхаген, Цирих и Денвер. Дополнително, нови развојни центри на Групацијата Симфони се планираат и во неколку земји на Југоисточна и Централна Европа во периодот што следи.