Одликувани новите предводници за целите за одржлив развој
- Детали
- четврток, 24 јуни 2021
Скопје, 24.06.2021 - Вчера, 23.06.2021 година во Скопје здружението Конект ги одликуваше новите предводници на Целите за одржлив развој (Sustainable Development Goals – SDGs) на компании, поединци и млади бизнис лидери од компании.
На церемонијата за доделување на наградите почесно се обратија заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи, постојанатата координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Н.Е. Росана Дуџак и извршната директорка на Конект, г-а Никица Кусиникова.
Преку Целите за одржлив развој бизнисите го усмеруваат влијанието што го имаат да создаваат подобро општество. Добитниците на наградите и признанијата се свесни дека одржливоста е клучен сегмент од бизнис развојот и инспиративни примери на бизниси и поединци кои во секојдневното работење докажуваат дека бизнисот може да биде двигател на одржливиот развој.
Овој пат „Макпетрол“ АД Скопје е добитник на признание за придонес кон остварувањето на целите за одржлив развој. Признанието е доделено поради особениот придонес на Компанијата кон зачувување на животната средина изразено преку сопствено и одговорно производство и продажба на биодизел, современи бензински и дизел горива според европски стандарди, течен нафтен гас и метан како најеколошко гориво достапно на македонскиот пазар. Сите горива се достапни на современите бензински станици на „Макпетрол“ изградени во согласност со европските и светските стандарди во нафтената индустрија исполнувајќи ги притоа сите безбедносно - технички нормативи. Ова признание е уште една потврда дека „Макпетрол“ е предводник во нафтената дејност во државата, Компанија која секогаш се води од најголема заложба - бескомпромисен и врвен квалитет.
Целите за одржлив развој се прифатени од сите земји членки на ОН и потребно е да се исполнат до 2030 год. Тие се акцискиот план на светот за фер глобализација и подобра иднина за сите. Заедно, преку храбри чекори и соработка помеѓу сите сектори на општеството, можеме да ставиме крај на екстремната сиромаштија, да се бориме против нееднаквоста и да се справиме со климатските промени.