Генерацијата Z ја менува играта: глобалната еколошка промена започнува локално

generacijata-z-ja-menuva-igrata-globalnata-ekoloshka-promena-zapochnuva-lokalno-01.jpg

„Светот им останува на младите“ е изрека којашто постои многу одамна. Но, денес, младите луѓе ширум светот ја сфатија многу сериозно и веќе почнаа да ги користат своите вештини за да го сменат светот и да го направат место каде што навистина ќе сакаат да живеат.

Првата дигитална генерација којашто денес ја препознаваме под името Генерација Z ја користи технологијата на креативен начин, но во постпандемискиот свет, тие се соочуваат со многу културни, социјални и економски неизвесности и се загрижени за изборот на својата идна професија.

За да им помогне на младите да ги откријат своите вештини и полесно да ја изберат својата идна кариера, Дојче Телеком го иницираше проектот Futureproof, во чии рамки, освен дигитални алатки, совети за биографии и интервјуа за работа, ќе најдете и инспиративни приказни на млади луѓе коишто веќе ја менуваат иднината.

Делувајќи локално, нашите Ева Стојчевска и Марија Арсоска го даваат својот придонес кон глобалната борба за поздрава животна средина и ги повикуваат своите врсници да им се придружат во оваа иницијатива.

Средношколката Ева Стојчевска од Скопје е еко-активистка којашто членува во здружението „Биди зелен“, каде работи на повеќе полиња на тема екологија. Нејзината мисија? Да го намали негативното влијание од климатските промени и да го направи светот подобро место за живеење за следните генерации. Засега, таа вели дека се соочува со предрасуди поради нејзината возраст, па честопати се случува да не ја сфаќаат сериозно. Сепак, таа нема намера да се откаже!

„Сè што правите, дури и најмалите работи, па нека е и најмалото парче отпад фрлено на вистинското место – прави разлика и не треба да се откажувате. Можеби на краток рок се чини дека нема решение, но на долг рок дури и најмалите работи прават разлика!“ - е пораката на Ева за нејзините врсници.

generacijata-z-ja-menuva-igrata-globalnata-ekoloshka-promena-zapochnuva-lokalno-2.jpg

Марија Арсоска од Скопје на главниот град сака да му ја подари првата продавница со нула отпад. Од нејзината страст за водење одржлив живот се роди идејата за продавница којашто нема да генерира отпад. За неа, покажувањето на дело дека секојдневието не мора да биде придружено со еден куп отпад има поголем ефект отколку постојаното апелирање дека луѓето треба да бидат поодговорни со начинот на кој управуваат со отпадот.

„Младите луѓе треба да го следат својот повик и да се обидат да бидат најдобрата верзија од себеси. Треба да сме горди секогаш кога ќе направиме чекор во вистинската насока, дури и да е тоа мал, краток чекор нанапред“, вели Марија.

generacijata-z-ja-menuva-igrata-globalnata-ekoloshka-promena-zapochnuva-lokalno03 (2).jpg

Лесниот пристап до информации ѝ дава можност на оваа генерација полесно да ги разбере социјално-политичките и еколошките проблеми во светот, но и да делува во насока на нивно решавање. Проектот Futureproof има за цел да го искористи дигиталниот оптимизам за да овозможи успешна иднина за оваа генерација. Инспирирајте се, најдете ги своите вештини; светот може да биде подобро место за живеење.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg