(Интервју) Кире Синадиновски: Со мотивација, цел и желба за спортување до поздрава и активна нација
- Детали
- вторник, 08 јуни 2021
Традиционално уште од 2017 година трката Скопје Трча 10КМ ги исполнува скопските улици со спортски дух. Кире Синадиноски, директор на Виз Ер Скопски маратон, кој е во првите организациски редови и на овогодинешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, ни раскажа како тече организацијата на претстојниот спорски настан кој ќе се случи во недела, 13 јуни, од 7:30 часот.
1. По една година пауза, градската трка Скопје Трча 10КМ повторно ќе биде на скопските улици. Дали може да ни ја опишете возбудата, радоста и еуфоријата, поради повторното организирање на оваа веќе традиционална трка, годинава насловена како HalkEco Скопје Трча 10КМ?
К: Па радоста кај нас организаторите е голема затоа што повторно сме во можност да организираме трка, да организираме спортски настан низ улиците на Скопје. Организацијата како и секогаш носи еуфорија, неизвесност, стрес, и на крај секако позитивна енергија, а тоа и те како ни фалеше во изминатите неколку месеци, кога имавме разни забрани и рестрикции. Искрено се надевам дека истата радост ја имаат и учесниците, затоа што сигурно и ним им фалеа спортски настани.
2. Скопје Трча 10КМ е трка која од 2017 година успева да ги исполни граѓаните на Град Скопје, но и пошироко, со убава и позитивна енергија. Кои се Вашите очекувања од овогодинешната трка? Дали мислите дека тркачите повторно ќе успеат да го исполнат денот со позитива и спортски дух?
К: Во 2017 година ја започнавме оваа трка со надеж дека ќе прерасне во традиција и сме на добар пат тоа така и да биде. Увидовме со организацијата на Виз Ер Скопскиот маратон дека бројот на скопјани кои започнуваат со трчање се зголемува и оваа трка ја создадовме за нашите граѓани да имаат уште еден настан плус, низ улиците на Скопје, една брза градска улична трка. Позитивната енергија е неизбежен дел од секоја улична трка и не се сомневам дека тркачите повторно ќе го направат тоа. Можеби на некого не му е за верување дека на уличните трки има толку многу позитивна енергија, но кога еднаш ќе учествувате на ваква трка, сигурен сум дека ќе сакате повторно да бидете дел од истата и така тоа да ви стане дел од вашите секојдневни навики.
3. Покрај сите мерки, препораки и забрани кои се донесени за заштита од корона вирусот, дали успеавте да го постигнете посакуваниот број на тркачи кои ќе земат учество на трката HalkEco Скопје Трча 10КМ и дали покрај учесниците од нашата држава ќе има и учесници од странство?
К: Кога го започнавме планирањето на трката, уште пред 3 месеци, во државата бројките на инфицирани од корона вирусот беа во раст, и бевме во неизвеснот дали ќе може да ја реализираме трката, знаевме дека мора да го ограничиме бројот на учесници, така да бројката на учесници беше ограничена на 1000 и тоа го остваривме, иако интересот е поголем, но сепак мора сеуште да се почитуваат одредени мерки и препораки. На денот на трката се уште ќе важат препораките за држење дистанца, дезинфекција на раце и носење на заштитна маска, бидејќи сепак не смееме да се опуштаме и мораме да бидеме претпазливи, за минимизиање на секаков вид ризик. Учесниите ќе бидат поделени во 5 стартни блокови, според нивното предвидено време за завршување на трката, и на овој начин ќе има една компактна група на тркачи помеѓу кои ќе има дистанца во текот на целото време на трката.
4. Да се осврнеме малку на здравиот начин на живот и самодовербата кај младите. Сите знаеме дека социјалните мрежи прават една несакана слика кај младите луѓе, со што се прави поделба на млади со многу голема самодоверба, до ниво на недостижна самобендисаност и млади со енормно ниска самодоверба. Дали може да ни дадете Ваше видување за тоа колку трчањето и рекреацијата значат за одржување на здрави навики во животот, но и за зголемување на самодовербата и самопочитта кај младите луѓе?
К: Младите многу тешко може да ги задржите во спортот, покрај сите предизвици кои денес ги опкружуваат во секојденвното живеење и секако потоа тоа влијае врз нивниот начин и стил на живот. Во подоцнежните години сфаќаат дека мора да направат нешто за себе, па почнуваат со некаков тип на рекреција и спорт. Затоа е многу важно уште од најрана возраст децата да се насочуваат кон некој спорт кој ќе им создаде здрави животни навики и потреба за практикување во текот на целиот нивен живот. Преку трчањето младите ќе створат навики и самодисциплина која потоа ќе им се пренесе во секојдневните животни и работни обврски. Затоа би им препорачал на сите уште од мали нозе да почнат да се занимаваат со атлетика, бидејќи тоа е базичен спорт кој потоа може многу да ви помогне.
5. Како директор на Виз Ер Скопски маратон, но и како дел од организацијата на овогодинешната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ, која е пораката која сакате да ја испратите до сите тркачи, минати, сегашни и идни?
К: Сакам да им порачам на сите дека полека ќе се вратиме во нормала, но мислам дека ќе биде потребно уште малку време и трпение. Потребно е секој да се грижи за своето здравје, бидејќи измината година тоа ни беше најважно, а ќе ни биде и во иднина. Преку трчањето и спортувањето ќе си помогнеме себеси, а и на општеството, со што ќе градиме поздрава и активна нација.
6. И за крај, според Вас како еден човек најлесно може да изгради здрави навики? Што е клучното нешто по кое треба да се води?
К: Здрави навики може лесно да се изградат, само треба да најдеме мотивација и да си поставиме цел. Мојот предлог е секој кој досега не пробал да трча, да си зададе една цел дека ќе учествува на некоја следна трка, да биде упорен во тренинзите и нека проба да го даде максимумот. Сигурен сум дека потоа ќе биде задоволен и среќен од тоа што ќе го постигне. Секако важен фактор е и поддршката од блиските и пријателите, да веруваат, да ве бодрат и мотивираат до исполнување на вашата цел.