Институтот Козле доби опрема од донаторската акција што ја организираа Жито Лукс и Тинекс

Скопје, 17.05.2021 - Колички за дистрибуција на терапија и колички за хигиена доби Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, како резултат на хуманитарната акција која на почетокот на годинава ја организираа Жито Лукс и Тинекс маркети, а со која за секој купен производ од палетата на Жито Лукс во некој од маркетите на Тинекс, дел од средствата се издвојуваа со цел набавка на опрема за подобрување на условите на функционирање во Институтот.

institutot-kozle-dobi-oprema-od-donatorskata-akcija-shto-ja-organiziraa-zhito-luks-i-tineks-01.jpg

Оваа акција беше само една во низата хуманитарни подвизи кои двете компании ги преземаат со цел поддршка на здравствениот систем и здравствените работници, што особено стана важно во време кога сѐ уште трае борбата против COVID-19.

„Жито Лукс уште од самиот почеток на пандемијата посвети посебно внимание на помош на најранливите категории кои беа сериозно погодени од кризата. За нас како компанија, здравствените установи, особено оние во кои што се згрижуваат најмладите пациенти, се во постојан фокус кога станува збор за општествено одговорните активности. Токму затоа имаме и долгогодишна традиција на реализирање донации во Институтот Козле, започнувајќи од медицинска апаратура, мебел за опремување и подобрување на болничките услови, како и производи од сопствената палета, а со најновата донација се надеваме дека ќе придонесеме за подобрување на условите за работа на оваа важна здравствена институција“, изјавија од Жито Лукс.

И Тинекс, како докажана општествено одговорна компанија, постојано дава безрезервна поддршка и помош онаму каде е најпотребно. Со оглед дека во новонастанатата ситуација со ширење на вирусот, најголемиот притисок  беше ставен врз здравствениот систем и здравствените работници, и активностите на компанијата беа насочени кон помош за оваа дејност.

„Низ годините несебично сме подржале многу здравствени институции со кои и досега имаме одлична соработка. Давајќи ја својата поддршка веруваме дека придонесуваме кон подобро и поквалитетно здравство преку осоврменување на медицинската опрема, а се со цел на пациентите да им се овозможат подобри услови за лекување. Справувајќи се со предизвиците наметнати од пандемијата на вирусот, водејќи се од својата заложба за општествена одговорност, во изминатава година активно влијаеме за подобра заштита на здравствените работници, како и на заболените од Ковид – 19. Реализиравме донации на Клиниката за инфективни болести во Скопје, на Клиниката за Кардиологија, а во соработка со Жито Лукс спроведовме донаторска акција за обезбедување средствата наменети за набавка на опрема, сѐ со цел за поквалитетно функционирање на Институтот како и поквалитетна нега на заболените од Ковид, но и помош на целиот здравствен систем” – велат од Тинекс.

Од Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле ја поздравија донацијата која, во време кога Институтот стана Ковид центар каде се хоспитализираат и лекуваат заболени од Ковид-19, ќе овозможи подобрување на условите за функционирање.

„Вакви и слични донации се од исклучителна важност во овие кризни моменти за здравствениот систем и за државата воопшто. Времето во коешто живееме, односно во услови на пандемија со која што се соочува човештвото, нѐ уверува дека здравјето треба да претставува врвен приоритет на секое општество. Благодарни сме за секоја донација која ја добиваме, бидејќи нѝ помага подобро да функционираме и да дадеме соодветна грижа на заоблените кои се лекуваат во Институтот. Се надеваме дека сега, кога почна масовната вакцинација, ќе се намали заразата и ние како Институт наскоро ќе можеме да се вратиме на нашата основна дејност – грижа за најмладите”, рече д-р. Бесник Зеќири, директор на Институтот Козле.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg