Комерцијална банка спонзор на ФФМ во наредните три години
- Детали
- среда, 12 мај 2021
Со цел поддршка на македонскиот фудбал и создавање услови за нови успеси и победи на сегашните и на идните генерации фудбалери, Комерцијална банка АД Скопје и Фудбалската федерација на Македонија склучија Договор за спонзорство за наредните три години.
Скопје, 12.05.2021 година – Договор за спонзорство во наредните три години склучија Комерцијална банка АД Скопје и Фудбалската федерација на Македонија, кој има за цел да помогне во развојот на македонскиот фудбал. Во услови кога македонскиот фудбал празнува и со нетрпение го очекува почетокот на ЕУРО 2020, каде за првпат ќе настапува македонската репрезентација, Комерцијална банка обезбеди значајна поддршка за ФФМ за да поттикне нови успеси и заеднички победи.
„Веруваме дека македонскиот фудбал има во себе магија и моќ за да поттикне нови успеси и заеднички победи. Тоа да бидат успеси на деца кои ќе се определат за спорт, одговорност и дисциплина, на нови генерации фудбалери, на сите нас кои ќе изградиме уште подбри услови за спортот во земјава. Тоа е мисијата со која Комерцијална банка влегува во соработка со Фудбалската федерација бидејќи делиме заеднички цели и императиви. Посакувам Европското првенство 2020 да ни донесе многу радости, но на фудбалерите им посакувам, пред сѐ, добро здравје и многу среќа“, изјави Главниот оперативен директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, Г-дин Илија Илоски.
Комерцијална банка АД Скопје речиси седум децении го промовира и поддржува економскиот раст и прогресот во земјава. Со целокупното свое работење, и во финансискиот и во корпоративниот дел, Банката постојано придонесува за развој на економијата, но и на уметноста, културата, спортот, како и за унапредување и подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани.
„Со оваа соработка што денеска и официјално ја објавуваме, Комерцијална банка станува горд поддржувач на македонската фудбалска репрезентација. Горди сме ние што добиваме партнер кој секогаш ги потврдува и поддржува вистинските вредности. Најдобрата македонска банка заедно со најдобрата фудбалска репрезентација. Исклучително сме среќни што преку оваа соработка со Комерцијална банка имаме можност да ја продолжиме убавата приказна поврзана со учеството на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, која покрај спортскиот успех во себе содржи голема национална гордост“, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Г-дин Муамед Сејдини.
Општествената одговорност како императив во работењето на Комерцијална банка има за цел не само да ја подобри сегашноста, туку и да ја изгради иднината во која луѓето ќе останат посветени, мотивирани и желни за нови победи и континуиран развој на општеството.