Македонски Телеком со раст и зголемена добивка во првите три месеци од 2021 година
- Детали
- вторник, 04 мај 2021
Во првите три месеци од 2021 година Македонски Телеком оствари раст и позитивни резултати, особено во сегментите за интернет и телевизија.
Приходите од продажбата се зголемени за 2,6 отсто и изнесуваат 2.686 милиони денари. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 13,1 отсто, во споредба со истиот период претходната година.
Цврста лидерска позиција на ТВ пазарот
Македонски Телеком ја задржува лидерската позиција со 34 отсто удел на ТВ пазарот.
Во првите три месеци од 2021 година бројот на корисници е зголемен за 4,3 отсто, со што базата на корисници изнесува 143,3 илјади. Како резултат на овој тренд, зголемени се и приходите од дигитална телевизија за 4,5 отсто во споредба со истиот период од минатата година.
Продолжува позитивниот тренд во интернет сегментот
Трендот на сè поголема побарувачка на интернет го зголеми бројот на корисници на широкопојасен интернет за 6,4 отсто, со што уделот на пазарот изнесува 50,2 отсто или 193,1 илјада корисници во првите три месеци на 2021 година. Позитивниот тренд влијае и на вкупниот број пристапи на широкопојасен интернет којшто е зголемен за 5 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Континуиран раст на оптичката мрежа
Остануваме посветени на ширењето на оптичката мрежа, којашто е основа на дигиталното општество. Во првите три месеци од 2021 година Македонски Телеком овозможи повеќе од 227 илјади пристапи до оптика што е за 12,9% повеќе споредено со истиот период од претходната година.
За да ги задоволиме барањата на корисниците за брза и стабилна мрежа постојано инвестираме во мрежата и досега имаме инсталирано оптичка мрежа во должина од 6.900 километри на територијата на целата држава.
Инвестициите во оптичка мрежа којашто овозможува големи брзини и пренос на податоци ќе продолжат да бидат приоритет на нашиот тим и во наредниот период.
Остануваме посветени на одржувањето на капацитетот на мрежата и на најбрзиот и најбезбеден интернет пристап за непречена комуникација и поврзување на корисниците.