„Зелена машина“ на Брако ја чистеше Белата куќа пред инаугурацијата на Бајден

Еколошката машина GM500ze на македонската компанија „Грин машинс“ (Green Machines), која е во сопственост на велешки „Брако“, го чистеше дворот на Белата куќа во Вашингтон, во пресрет на вчерашната инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден.

zelena-mashina-na-brako-ja-chisteshe-belata-kukja-pred-inauguracijata-na-bajden-01.jpg

Станува збор за иновативна машина за одржување хигиена во урбани средини, која работи без воопшто да испушта јаглерод диоксид. GM 500ze е првата целосно електрична машина од овој тип и веќе добро е позната меѓу градовите и институциите кои се стремат кон паметни и зелени решенија во процесот на одржувањето на хигиената во урбани средини.

Деновиве во американските медиуми сè беше насочено кон преземањето на функцијата на новиот претседател. Беа објавени голем број стории кои се фокусираа и на најситните детали од подготовките за инаугурацијата. Во една таква сторија на престижниот „Политико“ се појави и зелената машина на „Брако“. Еј-би-си, пак, објави прилог во кој вели дека и вообичаено сè е блескаво чисто во Белата куќа, но овој пат, имајќи ја предвид и пандемијата на ковид, било спроведено длабинско чистење какво што не се памети.

Од „Брако“ велат дека GM500ze не се нашла случајно во Белата куќа, бидејќи нивните производи веќе подолго време се извезуваат на американскиот пазар. Благодарение на сертифицираниот квалитет, нечујноста и иновативната технологија што не загадува, „зелените машини“ ги чистеле пешачките зони и на други познати локации, како Бакингемската палата во Лондон, плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан, улиците на Сингапур, „Дизниворлд“, „Тајмс сквер“ во Њујорк итн.

zelena-mashina-na-brako-ja-chisteshe-belata-kukja-pred-inauguracijata-na-bajden-02.jpg

Поради својот футуристички дизајн, овие возила го привлекуваат вниманието и на филмските режисери и се појавуваат во сцени од „Man In Black 3“ и „Star Wars: Episode I – The Phantom Menace“.

GM 500ze е претходникот на најновата иновација што ја произведе „Брако“, која пред неколку месеци беше презентирана во Европа и во светот. Тоа е неверојатната машина GM 500H2 што работи на водород и испушта вода наместо издувни гасови. И ова возило ја продолжува визијата на велешката компанија чија цел е да придонесе за минимизирање на човечкото влијание врз природата и максимално да ја зголеми ефикасната употреба на ресурсите.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg