Во сабота по вторпат ќе се одржи големиот еко-настан VIVAX чистка на Водно
- Детали
- понеделник, 28 април 2025
По минатогодишниот успешен настан, компанијата Паком Компани и брендот VIVAX повторно организираат голема еко-акција за чистење на Водно, со која ја продолжуваат мисијата за зачувување на планината и подигнување на јавната свест за одговорно однесување кон природата.
Настанот ќе се одржи во сабота, на 3 мај, со почеток од 9 часот, кога учесниците треба да дојдат на почетната точка кај Полициска станица Водно каде што ќе добијат основни средства за собирање отпад.
За првите 150 учесници организаторите подготвија дополнителна опрема за планинарење - ранец, термос, маица и јакна ветровка.
Во групи предводени од членови на планинарскиот клуб H2O, сите волонтери заедно со вработените од Паком Компани и VIVAX ќе се искачат до Средно Водно, по што ќе се поделат по најчесто користените патеки до врвот – Цветкова, Олимписка, Пензионерска и Новогодишна. На минатогодишната акција од овие патеки беа собрани повеќе од 200 вреќи отпад, со помош на 200 волонтери.
По завршувањето на еко-акцијата, предвидена е кратка едукативна презентација и дружење кај планинарскиот дом Даре Џамбаз со музички диџеј сет. Дополнително, организаторите најавуваат предизвици за учесниците во акцијата, со кои ќе имаат можност да добијат подарок VIVAX смарт часовник или преносен блутут звучник.
„Како бренд кој долгорочно вложува во заедницата и околината, сметаме дека зачувувањето на Водно е од заедничка важност и среќни сме што дојде време да се вратиме онаму каде што имаме вложено многу време, труд и внимание за да придонесеме кон почиста природа и да поттикнеме здрав и активен живот кај нашите сограѓани.
Успехот на минатогодишниот настан ни влева ентузијазам и верба дека оваа година можеме на едно место да собереме уште повеќе љубители на природата со кои ќе ѝ помогнеме на нашата планина повторно да дише“ – истакнуваат претставници од VIVAX.
Настанот е отворен за сите граѓани кои сакаат да учествуваат во придонесот кон почиста околина, без разлика дали се планинари, рекреативци или едноставно љубители на Водно.
Сите детали за настанот се достапни на профилите на VIVAX на Facebook и Instagram
Заедно до почиста природа - се гледаме на VIVAX чистка на Водно во сабота, 9 часот, полициска станица Водно.