Марија Трајковска: „Односите со јавноста е свет каде креативноста и стратегијата се спојуваат во моќна целина“
- Детали
- четврток, 05 септември 2024
Марија Трајковска е име што сè повеќе се истакнува во светот на Односите со јавноста, и тоа со причина. Од моментот кога ненамерно зачекори во светот на односите со јавноста, па сè до денес, таа изгради кариера исполнета со иновативни идеи, кампањи кои ги трансформираа брендовите и влијаеја на јавните перцепции.
Марија ја користи својата љубов кон раскажување приказни и страста за ефективна комуникација за да поттикне позитивни промени и да создава значајни врски меѓу компаниите и нивните целни групи. Денес, со повеќе од 20 години искуство, таа е клучен дел од тимот на Елемент ПР, каде што успешно ги комбинира креативноста и стратегијата во секој аспект од својата работа. Во овој разговор за CRNOBELO.com, Марија открива како изгледаа нејзините почетоци, што ја инспирираше да остане во оваа индустрија и кои се најголемите предизвици и радости од работата со големи интернационални брендови.
Како започна во областа на ПР и што те инспирираше да продолжиш со оваа кариера?
Марија Трајковска: Во еден нефорамлен разговор на кафе, еден пријател ми раскажуваше дека се вработил во ПР агенција. Во тоа време пред нешто повеќе од 20 години не ни знаев што значат Односи со јавност, тоа беше релативно нова гранка кај нас, ама звучеше како нешто многу креативно, интересно. Само што ги завршив студиите по компаративна книжевност и мојата страст за раскажување приказни и инспирирана од идејата дека ефективната комуникација може да поттикне промени, да изгради брендови и да создаде значајни врски ме натераа да влезам во овој свет и веднаш знаев дека ми се допаѓа животот во, и околу оваа индустрија. Отсекогаш сум била љубопитна, па на повеќето начини светот на ПР ми дојде природно. Ова беше во деновите на факс-машините, на новинарските ручеци и вистинските односи меѓу ПР и клиентите, па беше добро време да се научи. Со текот на времето, сфатив дека ПР е совршен спој на креативност и стратегија, а сега веќе 10 години сум дел од еден тим кој одлично ги комбинира овие два елемента, а тоа е Елемент ПР.
Кои се некои од најнезаборавните ПР кампањи на кои сте работеле?
Марија Трајковска: Сум работела со многу клиенти од многу различни индустрии, но секогаш сакам кога користиме повеќе канален пристап, односно кога комбинираме традиционални медиуми со дигитални платформи, а во последно време и кога идејата која ја имаме е прифатена од влијателни лица кои искрено се поврзуваат со пораката. Во последниве 10 години работам со еден од најголемите интернационални брендови кој во својата визија од пред 30 години ја направи реалност и го промени светот, односно направи транзиција и овозможи на милион луѓе да променат една лоша навика обезбедувајќи им подобра алтернатива. Со целосен ангажман пред се на внатрешната па и на надворешната јавност, со ангажман на експерти од повеќе области, со секојдневни анализи, едукации, континуирани пренесуваме пораки за поубава иднина, а кога резултатите се видливи тоа значи дека успевате во тоа што го правите.
Како да останете на врвот на трендовите во индустријата и да ги прилагодите вашите стратегии на постојано менување на односите со јавноста?
Марија Трајковска: Мој приоритет е да останам информирна со редовно читање публикации од индустријата, присуство на конференции и вмрежување со колеги ПР професионалци. Исто така, внимателно ги набљудувам новите технологии и трендовите на социјалните медиуми. Прилагодувањето на промените е од клучно значење, затоа секогаш останувам флексибилна во мојот пристап, подготвена да ги насочувам стратегиите кога е потребно за да останам релевантна и ефективна. Денешните ПР-агенции не се само машини за создавање соопштенија за јавност - всушност, конвенционалните изданија се помалку се користат. Наместо тоа, ние создаваме интегрирани кампањи кои имаат за цел менување на перцепција на одреден бренд, продукт.
Каква улога играат социјалните медиуми во вашите ПР стратегии и како ги користите за да се поврзете со публиката?
Марија Трајковска: Дигитален значи дека кога нешто ќе објавите на социјални медиуми, веднаш е промовирано и со постојано поврзување и бескрајното продолжување на приказната - коментарите и коментарите на коментарите. Од друга страна има една енергична и возбудлива страна, помалку и страшна, а тоа е што не можете да ја контролирате вашата околина; приказната постојано се ревидира со индивидуални информации, некои вистинити, некои лажни, некои паметни, некои глупави. Луѓето сакаат поголема контрола врз животот. Тие сакаат да ги знаат состојките на тоа што јадат и пијат — и од каде дошле. Тие исто така сакаат да можат да прават едноставни работи како поправка на велосипед, одгледување зеленчук, да подготват здрав леб. И во денешно време сето ова е лесно достапно преку развиен дигитален свет. На интернет има толку многу информации и се лесно достапни, што многу побрзо ни дава можност да видиме како нешто се прави. На социјалните мрежи има групи во кои се разменуваат искуства, се споделуваат рецепти, се делат совети и сето тоа во секое време. Истовремено е и одлична можност и за промоција на одреден продукт, затоа што луѓето сакаат да слушнат од туѓото искуство и ако е добро веднаш го применуваат, односно го купуваат тој продукт. Приказната никогаш не спие, а социјалните медиуми можат да се искористат најдобро затоа што нудат неспоредлива можност директно да се вклучиме со публиката, да изградиме заедници, директно да комуницираме со потрошувачите, претворајќи ги потенцијалните предизвици во можности.
Каков совет би му дале на некој што штотуку започнува во ПР индустријата?
Марија Трајковска: Да бидат љубопитни, да набљудуваат и да не престанат да учат. ПР е индустрија која постојано се развива, па затоа е важно да бидеме прилагодливи и отворени за нови идеи. Но најмногу би им препорачала секогаш да останат автентични и одлучни во нивниот пристап - кредибилитетот е основата на успешниот ПР.
Според вас, кои се клучните елементи кои прават успешна ПР кампања во денешното дигитално доба?
Марија Трајковска: Пред се кампања во денешното дигитално доба треба да биде автентична, привлечна и водена од податоци. Автентичноста одекнува кај публиката која ја цени транспарентноста и искреноста. Одлични идеи, производи или услуги можат да дојдат од секаде. И најчесто одличните идеи често доаѓаат од најизненадувачките извори. Сепак, дури и обичните идеи можат да станат одлични ако ги направиме релевантни. Во една кампања тоа е комбинацијата на идејата и нејзиното прифаќање од страна на луѓето што ѝ овозможува да добие важност и да стане забележлива.
Што значи да имате „кул” кампања?
Марија Трајковска: Кул порано се поврзуваше со младоста, само тоа што си млад значи си кул, но во денешно време кога старосните граници се поместени, дефиницијата за кул се менува константно. Кул е седа коса, кул е без шминка, кул е машко да носи здолниште, но пред се кул е да даваш. Секогаш ќе ги има оние неколку исклучоци што се секогаш кул, како малиот црн фустан, а тоа значи дека не треба секогаш да измислуваме нешто ново, туку може да преземеме нов пристап кон стара идеја, да и се даде релевантност за денес.
Кои се трендовите кои ја обликуваат иднината на ПР-от и дали клиенти ги применуваат?
Марија Трајковска: Уште кога бев млада многу сакав да набљудувам, па и сега некогаш се фаќам себе си како ќе се занесам во нешто, но во комбинација со анализа (било да е тоа медиумска, или анализа на бројки) сакам да го поддржам она што го гледам. Трендовите за развој на брендовите постојано се менуваат, па компаниите мора константно да се адаптираат на новите трендови. Таа адаптација не е само во бизнисот, туку и во приватниот живот ги следам трендовите во животниот стил, како мода, стил и убавина. Ова е процес кој трае, а јас сум секогаш во потрага по новите трендови. Новите глетки може да се изградат од основата на минатите, па понекогаш повторно се навраќам за да можам да видам каде одиме.
Се радувам кога клиентите остваруваат цел надвор од профитот. Всушност, ова е најголемиот тренд, што значи дека компаниите мора да бидат агенти на промените, да се борат за поправеден свет, и навистина ми е драго дека не само клиентите со кои соработувам туку се повеќе компании се општествени одговорни и прават добро во заедницата во која делуваат. Луѓето ја преиспитуваат својата лојалност на брендот врз основа на тоа како одговорно се однесуваа компаниите во заедницата. Тие сакаат да знаат дека брендовите што ги поддржуваат ги ставаат луѓето на прво место. Помладите генерации се многу активни на тоа поле, еве како пример е Ањала Шарма која за прв пат се вклучи во климатското движење во 2019 година како само 17-годишно девојче, организираше протести, зборуваше пред илјадници луѓе и го водеше федералниот судски случај против министерката за животна средина на Австралија околу штетата на фосилните горива. Потоа тука е Малала Јусафзаи, активистка за женско образование и најмлад лауреат на Нобеловата награда која стана меѓународен симбол за отпорот против талибанското настојување на жените да им се скрати правото на образование, како и другите права.
Како се ресетирате за да бидете креативни?
Марија Трајковска: Јас сум незаситен потрошувач на поп-културата, без разлика дали се работи за книги, списанија, уметност, блогови, веб-страници или ТВ серии. Инспирација црпам токму од сето ова, и тоа е и клучот за креативноста, да се следи она што се случува околу нас. Постојаната стимулација и отвореноста за нови идеи се задолжителни, па сакам кога сум со луѓе кои ме инспирираат, кои ги споделуваат своите идеи, кои сакаат да учат, односно да учиме заедно.
Да не работите во ПР индустријата, ќе бевте ...
Марија Трајковска: Па најверојатно нешто со мода. Од мала сакав да правам разни комбинации од облеки, од старата гардероба на мајка ми правев нова, ја терав баба ми преку ноќ да ми сошие нешто ново за на училиште што сум видела во последното издание на некое модно списание.