ОКТА донираше опрема за гасење на пожари на тешко пристапни терени
- Детали
- четврток, 01 август 2024
Скопје, 01.08.2024 – Во рамки на својата континуирана соработка со противпожарните единици ширум земјата, ОКТА обезбеди специјална опрема неопходна за гасење на пожари на непристапни терени.
Ваква опрема денеска ѝ беше донирана на територијалната противпожарна единица од Свети Николе, во чија околина во тек е справувањето со еден од најактивните и најголеми пожари кои ја зафатија нашата земја во изминатите неколку денови.
Донираната опремата се состои од специјални противпожарни средства - метални метли и грбни прскалки - кои се користат од страна на пожарникарите при активностите за спречување на ширењето и гасењето на пожари на особено непристапни терени, каде не може да се дејствува со противпожарни возила и друга механизација.
„Како и секогаш досега, така и сега за време на овие пожари, како компанија и секако како пожарникари сме подготвени да ја обезбедиме целокупната наша поддршка, во опрема, експертиза и директен ангажман, при справувањето со огнените стихии. Од искуство знаеме какви потреби имаат нашите колеги од противпожарната единица во Свети Николе, особено при гасењето на пожари на непристапни терени и затоа несебично ја понудивме нашата помош во опрема која ќе им помогне полесно да се справат со актуелниот пожар и сите евентуални вакви предизвици во иднина“, изјави командирот на противпожарната единица на ОКТА, Влатко Панковски, на денешното примопредавање на дел од донираната опрема за противпожарната единица од Свети Николе.