Разговор меѓу психолог и гејмер: Што можеме да научиме од видео игрите?

Откако се појавија видео игрите, станаа честа и веќе многу популарна занимација на толку многу луѓе низ светот – претежно млади, но и постари вљубеници во гејмингот кои со години активно уживаат во возбудата од играње видео игри. Меѓутоа, и понатаму постојат дилеми околу тоа дали видео игрите претставуваат дистракција, хоби или, пак, активност која може да донесе заработка, успех и афирмација.

razgovor-megju-psiholog-i-gejmer-shto-mozheme-da-nauchime-od-video-igrite-01.jpg

За да копнеме малку подлабоко во оваа тема, се обративме кај луѓе кои размислуваат за неа практично секој ден: еден гејмер - страсен и активен, и еден психолог – подготвен да одговори на горливите прашања кои понекогаш се двоумиме дали да ги поставиме.

Александра Милевска, овластен психолог кој е дел од платформата Разговор.мк ќе одговори на прашањата поврзани со гејмингот кои ѝ ги постави гејмерот Огнен Тошев, а потоа и тој самиот ќе даде одговор на некои од прашањата за кои Александра има интерес од професионален аспект.

Огнен: Дали според вашето професионално мислење гејмингот претставува психички напор или пак на него можеме да гледаме како на еден вид релаксација на мозокот? 

Александра: Гејмингот може да претставува психички напор, но и начин за релаксација нудејќи бегство од секојдневниот стрес, овозможува забавна активност која го ангажира умот и може да предизвика чувство на задоволство. Видео игрите не се само забавни, некои истражувања сугерираат дека тие всушност можат да бидат корисни за ослободување од стрес.  Иако често добиваат негативни критики кои сугерираат дека ги прават луѓето (особено децата) помалку социјални и поагресивни, има  докази дека видео игрите можат да имаат придобивки за менталното здравје и тоа вклучувајќи развој на сложени вештини за решавање проблеми и унапредување на социјалната интеракција преку онлајн игрите.  Особено кај помладите деца, видео игрите можат да бидат одличен начин за стимулирање на когнитивните способности и за подобрување на менталното здравје. 

За други, пак, особено за професионалните гејмери, гејмингот може да биде психички напор поради потребата за фокусираност, концентрација, стратегиско размислување, и константен тренинг за постигнување врвни резултати. Балансот и умереноста се клучни за максимизирање на позитивните аспекти и минимизирање на негативните ефекти од гејмингот. Општо, два до три часа дневно може да бидат прифатливи ако останатите аспекти на животот се балансирани... освен ако не се работи за професионални гејмери, кои мораат да работат на своите вештини напорно и секојдневно.

Општи совети за сите возрасти:

  • Редовни паузи. Одржувајте редовни паузи на секои 30 до 60 минути за да се истегнете и одморите од екраните.
  • Физичка активност. Вклучете физичка активност во дневната рутина за да се компензира времето поминато седејќи. Одржување на социјални врски. Не дозволувајте играњето игри да ги наруши вашите социјални интеракции и обврски.
  • Квалитет на содржината. Изберете игри кои се едукативни, поттикнуваат креативност или соработка наместо игри со насилни содржини.
  • Свесно играње. Следете како игрите влијаат на вашето расположение и ментално здравје и направете промени ако забележите негативни ефекти.

Огнен: Треба ли да ги игнорираме нервозата и стресот додека играме видео игри? Постојат ли ефективни начини за смирување по завршена партија?

Александра: Игнорирањето на нервозата и стресот не е препорачливо затоа што тоа води до појава на сериозни и долгорочни последици врз менталното здравје. Она што е важно е да се препознаат овие чувства и навремено да се реагира на адекватен начин. Нервозата и стресот се препознаваат по одредени симптоми: главоболка, болки во мускулите, срцебиење, намалена толеранција, анксиозност, депресија, губење интерес за други активности, проблем со спиење, избегнување одговорност, зголемена агресивност и реактивност, зголемена потреба за играње игри итн.

Некои од ефективните начини за смирување по завршување на партијата се:

Длабоко дишење и медитација.Техники за длабоко дишење и медитација можат да помогнат во намалување на стресот и враќање на чувството на мир. Доволни се само неколку минути за да се почувствуваат смирувачки ефекти.

Физичка активност. Физичката активност е одличен начин за ослободување од стресот. Кратка прошетка, истегнување или тренинг во теретана може да помогнат во намалување на напнатоста.

Хоби и активности надвор од екранот. Најдете хоби или активности кои ве релаксираат, како читање, слушање музика, цртање или поминување време во природа.

Социјална поддршка. Разговарајте со пријатели или членови на семејството за тоа како се чувствувате. Споделувањето на вашите искуства може да помогне во намалување на стресот и да ве потсети дека не сте сами.

Хидратација и здрава исхрана. Внимавајте на вашата хидратација и исхрана. Пијте доволно вода и избегнувајте нездрави грицки, кои влијаат лошо на расположението.

Одржување баланс. Одржувајте здрав баланс помеѓу играњето игри и другите аспекти на животот. Поставете временски ограничувања и одредете зони во домот без електронски уреди каде што ќе можете да се релаксирате.

Ако забележите дека гејмингот редовно предизвикува стрес, нервоза и немир, препорачливо е да го преиспитате вашиот пристап кон играњето и да побарате поддршка од пријатели, семејство или професионалци за ментално здравје.

Огнен: Гледаме се' повеќе луѓе кои испишуваат успешни приказни во гејминг индустријата: гејмери, стримери, подкастери па дури и дизајнери на игри. Како да го насочиме умот за да станеме успешни во овој свет?

Александра: Ова е многу интересно прашање затоа што дефиницијата за успех е нешто многу индивидуално. Јас би кажала дека успешен човек е оној кој го работи она што го сака и при тоа успева од таа работа да си ги плати сметките. Во гејминг индустријата се спојуваат задоволство и забава, а истовремено е и одлична можност за заработка и поради ова не е случајност што оваа индустрија е една од најбрзорастечките на светско ниво. Но, без разлика со што се занимаваме важно е тоа да биде со страст и посветеност, со постојано учење и надоградување, со добра организација и управување на времето, адаптибилност и флексибилност, развивање на мрежа на соработка и секако, да не заборавиме на поддршката од најблиските.

razgovor-megju-psiholog-i-gejmer-shto-mozheme-da-nauchime-od-video-igrite-02.jpg

Советите на Александра ќе му послужат на Огнен да ги совлада предизвиците кои пред него ги поставува гејмингот, особено во подготвителниот период за првиот следен голем турнир. Меѓутоа, и Александра сакаше да дознае нешто повеќе за неговото искуство со гејмингот од личен аспект, па му постави неколку интересни прашања.

Александра: Поаѓајќи од фактот дека гејмингот може да има различни позитивни аспекти врз личноста и со тоа врз развојот на когнитивните вештини, во унапредувањето на тимската работа, на фокусот и на концентрацијата, социјалните врски... кои се твоите најголеми придобивки од гејмингот?

Огнен: За почеток, гејмингот ми претставува омилено хоби и скоро секогаш успева да ме расположи, особено кога победувам. Гејмингот во нашава земја дојде до израз во последниве години и има доста позитивни аспекти, но како гејмер позитивните аспекти може да ги почувствуваш само ако си упорен. Најголема придобивка ми беше освојувањето на првото место и претставувањето на нашата прекрасна земја на Европско првенство, исто така и освојувањето на неколку турнири кои ме мотивираа во иднина да се трудам уште повеќе. Покрај тоа, преку заедничките партии, онлајн игрите и турнирите запознав многу луѓе со кои воспоставувам контакти и денес, а дел од нив ми останаа другари за цел живот.

Александра: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како професионален гејмер и како се соочуваш со нив?

Огнен: Најголем предизвик ми е нервозата и неискуство со големи турнири. Нервозата е процес каде што, како поминува време, учам повеќе и повеќе како да ја намалувам, а неискуството е тоа што кога за прв пат се појавив на голем турнир ми беше напорно бидејќи противниците имаат искуство со вакви настани многу повеќе време од мене. Но, пак ќе кажам, како поминува времето работите си доаѓаат на свое место, а најважна останува желбата за гејминг и трудот вложен во насока на успехот.

Александра: Што е она што најмногу те мотивира да го дадеш најдоброто од себе на секој натпревар?

Огнен: Искрено, секогаш сакам да се покажам во најдобро светло, а чувствувам особено задоволство кога тоа ќе го направам во омилените видео игри. Најголема мотивација ми претставува најголемиот успех, односно тоа дека јас како Огнен знам дека мојот ум размислува само на победа и не ме спречува ништо на патот кон успехот. А, се разбира, ми значи и поддршката од најблиските, кои често знаат да ме мотивираат со некој позитивен збор и пораки за успех. Реалноста е дека навистина сакам да гејмам, не ми е потребна некоја посебна мотивација освен самиот себе.

Откако се популаризираа и станаа една од главните занимации на модерното време, видео игрите продолжуваат да го зајакнуваат ефектот кој го имаат над луѓето, а се наоѓаат и нови начини да бидат реизмислени за да станат покреативни, попредизвикувачки, но и покорисни за луѓето – задирајќи ги нивните длабоки интереси и развивајќи ги нивните вештини, партија по партија. Којзнае какви можности ќе ни донесат во иднина, кога и технологијата, а и достапноста до неа ќе бидат на многу повисоко ниво. Дотогаш, останува да се забавуваме со омилените видео игри и да запомниме дека тие се пред се добро хоби и одличен извор на забава.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg