Комерцијална банка доби нова кредитна линија од 3,5 милиони евра од ЕБОР за зелено финансирање
- Детали
- среда, 24 јули 2024
Скопје, 23.07.2024 година – Со нова кредитна линија од 3,5 милиони евра Комерцијална банка ќе обезбеди значајна поддршка на енергетски ефикасни проекти на домаќинствата. За таа цел, Комерцијална банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска потпишаа Договор за заем во рамките на ГЕФФ програмата за зелено финансирање.
Новата кредитна поддршка од 3,5 милиони евра ќе придонесе да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност на домаќинствата и на производителите на опрема за оваа намена. ГЕФФ програмата е поддржана од Европската унија и од Јапонија.
Договорот за новиот заем беше потпишан од Одил Рено Басо, претседател на ЕБОР, и од Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
„Навистина сум среќна што Комерцијална банка повторно ќе може да даде свој придонес за успешна имплементација на ГЕФФ програмата во нашата држава. Оваа зелена кредитна поддршка е многу значајна затоа што овозможува поголема енергетска ефикасност на домовите, заштеда и подобар квалитет на животот. Горди сме што со новата понуда на кредити за енергетска ефикасност на домаќинствата ќе помогнеме да се намали енергетското оптоварување на многу семејни буџети и ќе придонесеме во напорите за справување со климатските предизвици и за создавање поздрава и почиста животна средина“, рече Стевкова Штериева и се заблагодари на ЕБОР во името на Комерцијална банка.
Рено Басо истакна: „Горди сме што ја одржуваме нашата поддршка за транзицијата кон зелена енергија во Северна Македонија со финансирање на инвестиции во енергетска ефикасност на домовите, кои се најголеми потрошувачи на енергија во земјата. Освен што придонесува за зелена и одржлива иднина на Северна Македонија, овој проект обезбедува директни придобивки за граѓаните. Со намалување на сметките за енергија и со подобрување на удобноста во домот, овие инвестиции значително ќе го подобрат животот на граѓаните“.
Комерцијална банка со овој заем ќе поддржи зелени технологии, материјали и решенија за станбени згради и куќи во приватна сопственост. Инвестициите во опрема за заштеда на енергија, како што се изолација, прозорци, топлински пумпи и соларни панели, ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови и трошоците за енергија, а ќе придонесат и за намалување на високата енергетска и јаглеродна зависност на домаќинствата во земјава.
Комерцијална банка обезбеди и техничка помош за воспоставување нов модел на зелено кредитирање во секторот на станбени згради, која ќе им биде понудена и на заинтересираните градежни компании, продавачи и производители на зелени технологии со цел да се унапреди зелената транзиција на резиденцијалниот сектор во целина.
Комерцијална банка како најголема банка во земјава е особено горда што е дел од ГЕФФ програмата на ЕБОР, која досега има помогнато за подобрување на енергетската ефикасност на 18.000 домаќинства во земјите од Западен Балкан.
Фото: Борис Грданоски