Нова успешна приказна од Brainster Job Fair
- Детали
- сабота, 13 јули 2024
По успешното одржување на најголемиот ИТ-Саем за вработување што го организираа Бреинстер и Бреинстер Некст колеџ за нивните студенти, кои се претставија пред педесеттина водечки компании од земјава и регионот, почнаа успешните приказни.
На гости во Дебар Маало кај агенцијата „Њу момент“ се сретнавме со Дино Антоски, студент коjшто има завршено на Академијата за дигитален маркетинг во Бреинстер. Тој ни раскажа за неговото искуство на Brainster Job Fair и како со помош на Саемот, успеал да стигне до позиција како практикант за Paid Media: Meta and Google Ads во „Њу момент“.
Успеавме да разговараме и со извршната директорка на агенцијата, Јелена Ивановиќ, која сподели како Дино ги „купил“ на прва со својата непосредност и желба за учење:
„Бидејќи има ведра природа и е лесно прилагодлив, колегите го прифатија со чувство дека е тука многу подолго од една седмица. Секој нареден ден презема сѐ поголеми одговорности, беспрекорно ги исполнува задачите и брзо се развива. Навистина се надевам дека ќе продолжи со ова темпо и верувам дека ќе стане вреден дел од тимот“.
Очигледно дека се работи за одличен тим, затоа што и Дино го мисли истото:
„Како да се знам со години со моите колеги. Имам одлични ментори кои ми посветуваат внимание кога е потребно и ме поддржуваат кога треба нешто ново да научам“.
Дино ни откри дека стапил во контакт со агенцијата на Саемот, прашувајќи за отворени позиции и се обидел подобро да ја запознае со „Њу момент“.
„Имав одлично искуство таму, беше интересно и динамично. Успеав да се запознаам со многу фирми и ми се отворија многу прилики. Имав и интервју на самиот саем. Имав можност да се стекнам со многу информации и да ги проширам моите контакти“.
Ивановиќ, пак, ни кажа дека со нетрпение го очекува следниот Brainster Job Fair и дека им е драго што ја искористиле оваа можност и што успеале да го најдат најдобриот кандидат за нив. Таа ни сподели и како Brainster Job Fair им има помогнато во процесот на регрутирање и придобивките за разлика од стандарниот начин.
„Традиционалното регрутирање е долг процес кој одзема многу време зашто се одвива во неколку фази, од објава на оглас, до прием на биографии, па нивно прегледување, селекција на кандидати и конечно реализација на интервјуа. Од друга страна, регрутирањето на Brainster Job Fair овозможува директен контакт со кандидатите со што значително се скратува процесот и добивате поголема можност за брзи решенија за потребите на компанијата. Дополнително, не губите време во прегледување на биографии на несоодветни кандидати кои не ги прочитале или не ги разбрале барањата на позицијата“.
Токму и ова беше главната цел на Brainster Job Fair - успешно спојување на студентите со нашите партнер-компании. Да помогнеме идеалниот и релевантен кандидат да си го најде „своето место“ и успешно да ја лансира својата нова кариера, вели Јана Тодоровска од Бреинстер.
Кампањата е организирана од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).