Дефинитивно денови за паметење – Народната и забавната музика ги разгореа жештините во Кратово
- Детали
- понеделник, 08 јули 2024
Кратово, 08.07.2024 – Топлото лето е во полн ек, а изминатиот викенд во Кратово, добрата музика на Златни Денови Кратово 2024, ја разгоре вечерната планинска ладовина во еден од најстарите македонски градови.
Народната и забавна музика во петокот и саботата ги разгореа жештините во Кратово, со прекрасните музички изведби наменети за сите присутни на настанот во овој прекрасен град во осоговскиот предел.
Во петочната летна вечер, (05.07.2024) Кратовчани и присутните гости, уживаа во традиционалниот старт на Златни Денови Кратово 2024, со настапот на Кратовските тамбураши, кои секоја година, успеваат умешно да внесат нова свежина со својата изведба на некои од најомилените народни македонски песни.
Атмосферата ја збогатија Трио Тајфа, Распеани Кичевчани, а мелосот на народната музика се разлеа и со изведбата на Мерак Меана и Мераклиите. Со вистинско мераклиско пеење, Блага Петреска, Влатко Миладиноски, Дамјан Стојаноски, Благоја Грујовски, Кате Брезева Соната, Златко Миладиноски, како и Елена и Лазар Наумови, како и секогаш успеаа да ја оживеат убавината на македонската народна музика.
А ново ниво на енергија на летната вечерна сцена на кратовскиот плоштад, донесоа и незаменливите Brass Brothers.
Секако бисер на двете вечери беше и познатата македонска водителка, Лила Филиповска.
Втората вечер од Златни Денови Кратово 2024, започна во рок стил, со настапот на кратовскиот рок бенд B.A.D., а сите присутни во еден глас пееја и танцуваа и со Ana & the Girls, како и единствениот Пајак.
Tropico Band ги размрда сите генерации со своите легендарни песни, а по полноќ под кратовското ѕвездено небо, младите уживаа со препознатливиот локален Dj Zhack, чиј диџеј сет го одбележа и крајот на годинешното издание на ова традиционално музичко доживување, кое го разубавува Кратово секое лето.
Златни Денови Кратово и оваа година со добра причина дефинитивно ќе останат денови за паметење.