„Не може да продаваме сè на секого, иако има клиенти кои сè уште инсистираат на тоа“ - интервју со Ивана Џаревска и Бојана Завкова од MOVEMENT

 „Сведоци сме на време во кое контент креатори стануваат ѕвезди со само една објава. Брендовите мораат да реагираат брзо и активно да ги следат трендовите за да го извлечат максимумот од овие активации. Нашето искуство покажува дека вистинскиот тајминг и добрите насоки од клиентот кон инфлуенсерот се сигурен резултат за успех.“ - вели Ивана Џаревска, партнер во маркетинг агенцијата MOVEMENT во разговорот за CRNOBELO.com.

ne-mozhe-da-prodavame-se-na-sekogo-iako-ima-klienti-koi-se-ushte-insistiraat-na-toa-intervju-so-ivana-djarevska-i-bojana-zavkova-od-movement-01.jpg

MOVEMENT е агенција во која се сплотени долгогодишни знаења, искуства, работа и труд во областа на маркетингот. 

За трендовите во дигиталниот маркетинг, евент индустријата и актуелните промени на пазарот, поразговаравме со Бојана Завкова - Стратегиски менаџер и партнер и Ивана Џаревска - Менаџер за односи со јавност и партнер во MOVEMENT

Ивана, зад себе имате повеќе од 10 години искуство во сферата на маркетингот. Од неодамна сте дел од маркетинг агенцијата MOVEMENT како партнер и на позицијата Менаџер за односи со јавност. Како се одлучивте токму за оваа професија?

Ивана: Имам повеќе од 10 години искуство во оваа сфера и со секоја година што поминува, мојата страст кон маркетингот расте. Во мојата кариера, имав можност да работам со различни брендови и да ги видам нивните успеси и предизвици. Со време, се развивав во професионалец кој разбира како да ги идентификува проблемите и потребите на клиентите и да ги реализира најсоодветните кампањи, стратегии, настани за секој конкретен бизнис.

Партнерството во MOVEMENT не е само следен чекор во мојата кариера, тоа е продолжение на мојата страст и ангажираност кон маркетингот. MOVEMENT не е само уште една агенција за маркетинг, туку приказна која ја живеам и во која верувам.

Со години насобраното искуство кое го имаме и јас и целиот тим, сакаме да го преточиме во приказна која ќе овозможи на клиентите да го видат вистинскиот потенцијал на нивните брендови преку иновативни и ефективни маркетинг стратегии.

Бојана, раскажете ни малку повеќе - што точно ќе работи MOVEMENT, на што ќе бидете фокусирани?

Бојана: MOVEMENT е full-service маркетинг агенција. Како професионалци нашата најголема предност базирана на години искуство ја гледаме во долгорочно градење на брендови и односи со клиентите.

Функционираме како надворешен маркетинг тим на клиентот, следејќи ги сите негови тековни активности и предвидувајќи ги следните чекори.

Тоа е главниот принцип на работа и фокус на MOVEMENT, развој на стратегии за долгорочен успех на брендовите и нивна реализација преку иновативен пристап во работењето и креативни решенија кои одговараат на очекувањата и потребите на денешниот потрошувач.

Дигиталниот маркетинг ви е пасија на двете, колку во последните години стана популарна оваа професија? Како се менуваше оваа индустрија низ годините и што е она што претставува најважна промена во изминатава декада?

Ивана: Многу! Во последните неколку години, професијата значително стана популарна, па многу компании и брендови започнаа да му даваат значење и на онлајн присуството и дигиталните стратегии како неопходни делови од нивната стратегија за раст и развој.

Ова може и мора уште многу да се работи и развива, но мило ми е што работите се поместија и мрднаа неколку чекори напред.

Две промени би ги нагласила – трансформацијата на потребите и навиките на потрошувачите (дигиталната ера се сврте кон мобилни, брзи прашања, уште побрзи одговори, инстант понуди и внимание што трае само 8 секунди кај крајниот потрошувач) и појавата на AI алатките. Многу ми е мило што сум дел од оваа динамична индустрија и што можам да учествувам во нејзиниот непрекинат развој.

Бојана: Маркетингот сам по себе е многу динамична индустрија, а со развојот на новите технологии, во дигиталниот маркетинг промените се постојани.

До пред неколку години под дигитален маркетинг се подразбираше веб-страница, Фејсбук профил и мал буџет за онлајн рекламирање, а денес имаме е-продавници, мобилни апликации, кампањи со инфлуенсери, ТикТок активации, виртуелна реалност.

Сепак најголемата и најзначајна промена е развојот на вештачката интелигенција кој допрва ќе направи драстични промени во индустријата. Секако сите овие модерни технологии и можностите кои ги нудат ја направија и самата професија многу попривлечна.

Колку е ценета оваа индустрија во нашата земја? Како да се изгради кариера во дигитален маркетинг?

Бојана: Во однос на тоа колку е ценета индустријата, има напредок, но имаме уште многу за работа 😊

За жал сè уште имаме случаи каде и при најмалата „криза“ или некоја непредвидена промена прво се крати буџетот за маркетинг. Има уште доста простор за едукација на клиентите/компаниите, па дури и на дел од маркетерите, за тоа зошто само продажна акција или реклама на Фејсбук не се доволни за долгорочен успех на брендот.

Успешна кариера во дигиталниот маркетинг се гради само со континуирано учење и многу работа. Нешто што според мене е доста важно е и интересот за разбирање на индустријата во целост. Еден добар маркетер не треба да се задржи само на делот за промоција, туку да го разбира и процесот на развој на производ, ценовна политика и дистрибуција.

ne-mozhe-da-prodavame-se-na-sekogo-iako-ima-klienti-koi-se-ushte-insistiraat-na-toa-intervju-so-ivana-djarevska-i-bojana-zavkova-od-movement-02.jpg

Со оглед на тоа што сте посветени на организација на настани, како би ја оцениле евент индустријата во Македонија? Што би сакале вие да промените и какви новитети би сакале да воведете во истата? Кои се најновите трендови?

Ивана: Моја перцепција е дека евент индустријата изминативе години е затворена во круг на повторување на истите нешта одново и одново.

Не сакам само да критикувам, во континуитет има настани, но имам чувство како да се повторуваат истите нешта, истите концепти и активации.

Премногу ретки се настаните кои двојат од сѐ останато на пазарот. Се оди на безбедна варијанта, незабележливи се иновациите и новитетите.

Настаните на денешницата бараат иновација, бараат целокупни искуства, поврзување на виртуелното и реалното и моменти за паметење и споделување. Се надевам дека во блиска иднина ќе успееме да го направиме многу потребното поместување од статус-кво и ќе можеме да уживаме во настани за паметење.

Што е неопходно за еден бренд да биде успешен во денешно време?

Бојана: За да успее еден бренд пред сè мора да постави стратегија во која јасно ќе ја дефинира вредноста која ја нуди на пазарот и таргет публиката на која ќе ја нуди.

Не може да продаваме сè на секого, иако за жал сè уште има брендови кои инсистираат да го прават токму тоа.

Кога знаеме што сакаме да понудиме и на кого, тогаш можеме да решаваме како тој производ/услуга ќе функционира или изгледа, како и каде и ќе го продаваме, како и каде ќе го рекламираме. Без разлика дали се работи за стратегија за лансирање на производи или сезонска кампања, неопходно е овие елементи да се прецизирани однапред и да ни бидат водилка за сите следни маркетинг одлуки.

Долги години работите на инфлуенсер-активации, како го оценувате развојот на овој сегмент од маркетинг индустријата кај нас?

Ивана: Сведоци сме на време во кое контент креатори стануваат ѕвезди со само една објава. Брендовите мораат да реагираат брзо и активно да ги следат трендовите за да го извлечат максимумот од овие активации. Нашето искуство покажува дека вистинскиот тајминг и добрите насоки од клиентот кон инфлуенсерот се сигурен резултат за успех.

Ние како агенција сме тука да обезбедиме квалитетно брифирање, поддршка во продукцијата и имплементацијата на сите активации.

Она што сѐ почесто се трудиме да го спроведеме се долгорочни партнерства. Тенденција на светско ниво се соработки кои носат вистинска вредност за публиката, наспроти краткорочни продажби. Долгорочните партнерства ни го овозможуваат токму тоа.

Што ќе им порачате на сите оние кои сакаат да научат нешто повеќе за маркетингот и да работат во вашата индустрија?

Ивана: На сите кои сакаат да научат повеќе за маркетингот и да го започнат својот пат во оваа индустрија би им порачала - да знаат дека ништо не знаат 😊

Шала на страна, маркетингот е динамична област и континуираното учење е клучно за успех. Истражувајте новости, читајте книги, следете блогови и учествувајте во обуки и вебинари, обидете се да се стекнете со некои конкретни практични вештини, алатки.

Маркетингот е тимска работа. Научете како да соработувате со различни луѓе, како да комуницирате ефикасно и како да ги искористите силите на секој член на тимот.

Само со посветеност, учење и континуиран развој, може да се изгради успешен пат во маркетинг индустријата.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg