Hive Room отсега на нова локација во Аеродром
- Детали
- четврток, 27 јуни 2024
Атрактивниот и бесплатен коворкинг простор Hive Room се сели на нова локација, и тоа во населбата Аеродром.
Успешниот проект кој во изминатата година обедини повеќе од 250 фриленсери и стартапи е резултат на соработката помеѓу ПроКредит Банка, Кипу и Мастеркард, досега беше присутен во Тафталиџе, а сега се сели на нова локација во рамките на просториите на Стартап клуб Скопје на булевар „3-та Македонска бригада” број 60, со што ќе се овозможи полесен пристап до фриленс и стартап заедниците и на другата страна на градот.
Разбирајќи ги потребите на модерните професионалци и препознавајќи ги стартапите и фриленсерите како двигатели на модерното време, целта на овој партнерски проект е обезбедување место за размена на идеи и знаења и креирање на силна заедница која ќе донесе позитивни промени и ќе поттикне развој на нашето општество.
Коворкинг просторот Hive Room нуди модерна, целосно опремена работна средина идеална за самостојна работа, тимски проекти, деловни состаноци и презентации. Просторот е бесплатен за користење, со претходна апликација преку веб-страница за сите фриленсери и претприемачи.
Покрај тоа, на новата локација во Аеродром Hive Room нуди најсовремени удобности дизајнирани да ја подобрат продуктивноста и креативноста, како што се:
• Шест работни позиции кои можат да се користат за еден тим или пак шест индивидуалци.
• Приватни шкафчиња за безбедно складирање на лични предмети.
• Телефонски говорници за приватни повици и состаноци.
• Простор за одмор и релаксација или пауза од работа.
• 15% попуст на храна и пијалоци во Среќа бар.
Во рамки на истата иницијатива, во изминатиот период се организираа серијал на настани под името “Hive sessions” на кои се обработуваат теми за започнување свој бизнис, финансиски водич за мали бизниси, предизвици и можности за млади претприемачи, градење вештини за стартапи кои имаат за цел едукација, вмрежување и поддршка на овие заедници. Досега овие настани обединија повеќе од 100 учесници и заради големиот интерес истите ќе продолжат и во периодот кој следи.
„Проектот Hive Room е многу значаен за нас, бидејќи е уште едно олицетворение на нашата посветеност и посветеноста на нашите партнери Кипу и Мастеркард за поттикнување на иновациите, соработката и претприемништвото во Македонија. Среќни сме што за еден релативно краток период успеавме да овозможиме бесплатни услуги и да поддржиме голем број иновативни и креативни луѓе. Нашата цел е да обезбедиме услуга за што поголем број на индивидуи коишто имаат потреба од ваков простор и токму затоа, по речиси една година во Тафталиџе одлучивме да го преселиме Hive Room во Аеродром, а до крајот на годината планираме да отвориме и втора локација во центарот на градот којашто ќе биде лесно достапна за уште повеќе луѓе“ - велат од ПроКредит Банка.
За повеќе информации и за регистрација, посетете ја веб-страница Hive Room.