Безвременската убавина на Пелистер
- Детали
- четврток, 20 јуни 2024
Во бујните прегратките на Баба Планина лежи природно чудо кое пулсира со живот, историја и кристално чисти води – Пелистерски Очи
Сместени на височина каде што воздухот шепоти древни приказни, Пелистерските Очи служат како потсетник за тоа колку е силна љубовта. Овие леднички езера се платно на кое променливите годишни времиња ги сликаат своите нијанси, сведоштво за уметноста на природата и уште една ризница на легенди од нашето поднебје.
Пелистерските Очи, се разделени само 2 км едно од друго, но иако се толку блиску, тие никогаш не можат да се видат.
Емоцијата на вечноста
Се сеќавате ли на детското одморалиште Копанки? Возбудата на детскиот џагор и незаборавните моменти под бескрајното ѕвездено небо на убавата Баба Планина. Токму тука, генерации и генерации деца ја слушнале легендата за „Пелистерските Очи,“ приказната која зборува за една несреќна љубов.
Легендата вели, Пелистер (синот на сонцето) бил убаво момче во кое се вљубиле две сестри. Мајка им Гаја, гневна на нивната љубов, ги избркала в планина и ги проколнала да бидат блиску една до друга, а сепак да не можат да се видат.
Сестрите талкале низ планината и совладани од замор и очај, што поради несудената љубов, што поради суровата мајчина клетва, се фрлиле на земјата и почнале да плачат. Од нивните солзи се создале две преубави сини езера – Пелистерски Очи.
Споменик на природата
Пелистерските Очи се леднички езера кои се наоѓаат на планината Баба, во близина на врвот Пелистер. Тие се две на број и се нарекуваат уште и Големо и Мало Езеро.
До езерата може да се стигне од две страни, по две одлично обележани планинарски патеки. Едната патека води од с.Нижеполе од месноста Лак Поток (бараки) или ски-лифтот преку пределот Дебел Рид, а другата, по која може да се движат и џипови и теренски возила, започнува од хотелот „Молика“ и преку месноста Јоргов Камен, минувајќи зад Малото Езеро, завршува кај планинарскиот дом до самото Големо Езеро. До Малото Езеро води и добро обележаната планинарска патека, од планинарскиот дом на Големото Езеро (1 до 1,5 часа) кон највисокиот врв на целата планина - Пелистер (антени), висок 2601 метар. Во Големото Езеро живее и малоброен ендемски вид на риби
Омилена дестинација на трагачите по безвременска убавина
Планинарите и љубителите на природата ги поминуваат патеките, секој чекор по свиоците е чекор во минатото.
„Многу пати сум го посетил планинарскиот дом на Големо Езеро на Пелистер и секогаш ме обзема истото магично чувство на спокој, чистина и вонвременска убавина. Кога е човек таму, толку е природата убава и меѓепсува, што не ни помислуваш какво богатство имаме. Моментот кога својот лик ќе го здогледаш во бескрајно бистрата вода на Големо Езеро, е одличен доказ за тоа чија одговорност е да се чува ова неверојатно место,“ вели Никола Тодороски, познат македонски стенд ап артист.
Пелистерските Очи се повеќе од природен феномен; тие се олтар на животот, место каде младоста и староста играат вечен валцер. Тука, детството е исполнето со весели игри покрај бреговите, со одраз на небесните облаци во бистрите води кои го носат сонцето во својата утроба.
Кога ќе настапи зората и кога првите сончеви зраци ќе ги бакнат езерата, оживува една магија која ги буди сите сетила. Пелистерските Очи блескаат со својата убавина, осветлувајќи ги сенките на минатото и насочувајќи го погледот кон иднината. Во нивниот одраз се гледаме себеси – нашето минато, сегашност и иднина која сме одговорни да ја обликуваме.
Пелистерските Очи се повеќе од слика-разгледница. Тоа е повик за зачувување, за негување и за предавање на факелот на нашата гордост и одговорност. Нашата гордост ги прави величествени, а нашата одговорност е да ги зачуваме такви.
Текстот е дел од рубриката што ја реализираме во соработка со Скопско во рамки на платформата за општествена одговорност за заштита на македонските природни и културни обележја „Наша гордост. Наша одговорност.“