Вистинска инспирација за новата генерација на втората конференција „Чувари на мудроста“
- Детали
- петок, 31 мај 2024
Скопје, 31 мај – Успешни и реномирани личности од Македонија ќе ги споделат своите животни и професионални искуства и совети со младите, на втората конференција „Чувари на мудроста“ BACK 2 BACK, во организација на Халкбанк АД Скопје, која ќе се одржи на 11 јуни во МКЦ.
Првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, успешните претприемачи Нина Ангеловска и Петар Ниновски, професорите Мишко Ралев и Радмил Поленаковиќ, Неда Малеска од Центарот за управување со промени, невропсихијатарот Славица Гајдаѕис – Кнежевиќ, културната работничка Искра Гешовска се само дел од говорниците на настанот.
Целта на конференцијата е да се обединат и искористат искуствата и знаењето на искусните и успешните професионалци во различни области за да се пренесат практични мудрости и да се поддржи кариерниот развој и едукацијата на младите луѓе.
Концептот на настанот предвидува седум сесии на различни теми, на кои говорниците ќе дискутираат во парови и ќе ги споделат своите искуства за областа во која работат. Публиката ќе има можност да слушне корисни совети за кариерен развој, но и за животната философија на говорниците од различни генерации.
„Младите се постојано во фокусот на работата на Халкбанк и грижата за нивниот развој како идни лидери во нашето општество е еден од темелите на политиката за општествена одговорност на компанијата. Сметаме дека една од работите што нѝ недостига е поактивна меѓугенерациска комуникација и размена на мислења, ставови и искуства. Конференцијата „Чувари на мудроста“ го овозможува токму тоа и верувам дека ќе биде силен поттик за многу млади да научат од оние кои веќе цврсто газат на патот на успехот“, вели Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите млади. Заради ограничениот број, сите заинтересирани треба да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот линк.
Во рамки на конференцијата ќе се одржат работилници за дефинирање и развој на бизнис идеи кои ќе произлезат од младите. Присутните ќе имаат можност да посетат и работилница за брендинг на стартап компании. Младите, на настанот ќе добијат симболичен подарок и серитификат за присуство од организаторот, а најсреќните од нив и вредни награди.