Преку одбележување на „Денот на Европа“, Јуроп хаус и официјално го отвори новиот простор во Струга
- Детали
- петок, 31 мај 2024
Вчера, преку низа активности кои се дел од прославите на “Денот на Европа”, Јуроп хаус и официјално ги отвори вратите на новиот простор во Струга.
Настаните започнаа со дебата насловена „Како да се вклучи, поврзе и унапреди локалната младина преку Јуроп хаус Струга“. Во дебатата учествуваа ученици од локалните средни училишта Ибрахим Темо, Нико Нестор и Јахја Кемал, а модератор беше Ана Наумоска, која заедно со амбасадорот Дејвид Гир ги воведе младите во дискусијата поврзана со можностите кои Јуроп хаус Струга ќе ги понуди. Во текот на дебатата, учениците ги презентираа своите идеи, со што поттикнаа понатамошна дискусија меѓу присутните.
После дебатата, амбасадорот Гир заедно со дел од присутните се упатија кон Музејот на природата „Др. Никола Незлобински“, каде беше откриен муралот „Симбиози“ на самата фасада на музејот. Овој мурал ја симболизира поврзаноста помеѓу човекот и природата и даде посебен акцент на одбележувањето на денот на биодиверзитетот.
Активностите продолжија со вмрежување на граѓанскиот активизам од регионот во Кемпинг Скаут, локација која се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро и која е уредена со помош и средства на ЕУ. На настанот беа присутни претставници на здруженија и невладини организации, како и индивидуални уметници, активисти и локални претприемачи. Денот заврши со музички перформанс во просториите на Јуроп хаус Струга, нудејќи пријатна атмосфера и можност за дополнително вмрежување и дружење.
Јуроп хаус Струга, има за цел да ги обедини младите, да им помогне да разменат идеи и да ги унапредат своите вештини и новативни размислувања. Овој простор ќе биде центар за младите во Струга и околината, нудејќи многу можности и претставувајќи го идеалното место за новата генерација.