За секое искачување на Водно ПроКредит Банка и Мастеркард засадуваат дрво во твое име
- Детали
- четврток, 30 мај 2024
Иницијативата „И јас сум на Водно“, со која секој четврток љубителите на природата имаат можност да спортуваат и да се забавуваат, продолжува и оваа сезона, по четврт пат. “И јас сум на Водно” е проект од спортско-едукативен карактер наменет за сите возрасни групи, со цел мотивирање на заедничко искачување на Водно до планинарскиот дом Даре Џамбаз на 1060 метри под врвот Крстовар.
Голема новина оваа година е што со секое искачување на Водно и скенирање на поставените QR кодови, ПроКредит банка и Мастеркард ќе донираат по едно дрво за пошумување на опожарените региони во државата. На овој начин, покрај спортувањето за сопственото здравје, сите посетители ќе можат да направат добро дело и да помогнат во повторното раззеленување на нашата земја.
„Оваа година, заедно со организаторите и нашите партнери Мастеркард, сакаме на учесниците да им овозможиме и нешто повеќе – можност да ѝ возвратат на природата таму каде што ѝ е најпотребно. Ние како банка традиционално секоја година пошумуваме за обновување на опожарените шуми, а сега сите љубители на природата и планината ќе имаат можност да ни се приклучат за уште помасовна еколошка акција. “И јас сум на Водно” e уште една иницијатива во склоп на нашата постојана заложба за одговорно банкарско работење, преку намалување на негативното влијание кон животната средина и поттикнување на здрави навики“ – велат од ПроКредит Банка.
Во организација на планинарскиот клуб „H2О“, секој четврток со почеток од 19 часот ќе се одржуваат и едукативни работилници на различни теми од областите како што се планинарење, планински активности и спортови, кампување, екологија, здрав живот и прва помош. За целокупно доживување, настаните нудат и музичка програма за сите посетители кои сакаат да уживаат во панорамскиот поглед на градот во добра атмосфера.