Градиште, Сараиште, Калишта – места каде минатото и иднината се испреплетуваат

se-gledame-na-treta-plaza-na-gradiste-01.jpg

Се гледаме на 3-та плажа на Градиште!

Меѓу Пештани и Заливот на коските лежи култна плажа полна со спомени од први љубови и безгрижни летни денови. Градиште е синоним за младоста. Крајот на 90-тите, летните денови во Охрид беа волшебни. Третата плажа на Градиште беше центарот на универзумот за младите, кои со нетрпение го чекаа август за да бидат таму.

Денес, 3-та плажа на Градиште останува синоним за убаво време, искрена дружба и многу смеа. Под ѕвезденото небо, со звуците на музиката и смеењето на пријателите, младите до ден денес го прославуваа животот, љубовта и бескрајната магија на младоста. Традицијата на најубавите дневни и ноќни забави, сè уште е жива, а исто толку возбудливо е подготвувањето за викендот кога Охрид е местото каде мора да се биде. Погодувате, тоа е викендот за 2 Август!

На Градиште се пијат најубавите коктели, се игра табла и јамб. На Градиште започнуваат најубавите летни романси и најубавите летни спомени. Впрочем, на повеќето првиот одмор со друштво ни бил токму во Охрид, токму на Градиште.

Градиште е синоним за животот, за младоста, за танцувањето под ѕвездите и дочекување на најубавите изгрејсонца. Затоа, наша одговорност е да го заштитиме. Чувајќи ја природата ги чуваме нашите спомени.

Сараиште – прозорец кон стариот дел од Охрид

Лутајќи низ тесните улички на стариот дел на Охрид, не може а да не стигнете до Сараиште – градската плажа која e вдахната со најубавата охридска архитектура одзади, и бескрајното синило на езерото пред себе. Позната по своите кристално чисти води и живописна поставеност, плажата Сараиште нуди уникатна мешавина од природна убавина и богато културно наследство.

Локацијата на плажата во стариот дел на градот овозможува уникатна можност да се комбинира релаксирачки ден крај езерото со истражување на богатите историски знаменитости на Охрид. Една од најважните предности на плажата Сараиште е нејзината близина до многубројните историски локалитети по кои Охрид е познат. Токму во овој дел се наоѓала и куќата на познатиот поет Коста Абраш (Абрашевиќ), а во близина се наоѓа и познатата куќа на Робевци.

Самата плажа е мала но шармантна, со каменести брегови и чисти води совршени за пливање. Нежните бранови на Охридското Езеро создаваат смирувачки звук, повикувајќи ги посетителите да се опуштат и да уживаат на сонце.

Калишта – скапоцениот камен на Струга

Калишта, живописното село на брегот на Охридското Езеро, е место кое крие многу тајни и приказни од својата историја. Неговото име е обвиено со две претпоставки, секоја подеднакво волшебна и значајна. Една од нив е легенда која се пренесува од генерација на генерација, додека другата е врзана за уникатната местоположба на селото.

Меѓу мештаните постои легенда која според преданието раскажува дека некогаш, привлечена од природните убавини на езерото и селото, тука повремено престојувала кралица по име Калина. Восхитена од волшебната убавина и мирот на ова место, Калина често доаѓала да најде спокој. Селаните во нејзина чест го нарекле селото Калишта. Нејзината куќа наречена „кула“ стоела гордо крај средновековниот манастир, сведок на времето и историјата.

На јужната страна, на самиот крај од селото, се издига познатиот средновековен манастир посветен на Успението на Пресвета Богородица. Сместен во пештера над езерото, манастирот датира од XV век. Ова свето место, со својата мистична атмосфера и духовност, привлекува верници и љубители на историјата од сите краишта.

На карпестиот гребен, кој се издигнува јужно од Калишта и се протега до селото Радожда, се наоѓаат повеќе средновековни пештерски цркви од XIV-XV век. Калишта не е само село, туку е место каде што легендите оживуваат, а културното наследство се пренесува низ времето. Секој камен, секоја црква и секоја приказна се дел од мозаикот кој го прави Калишта уникатно и незаборавно место. Наша одговорност е да го зачуваме!

Токму овие три места ќе бидат дел од големата еко-акција на Скопско за подводно чистење, во соработка со нуркачки друштва како дел од платформата „Наша Гордост. Наша Одговорност.“ Преку оваа акција се инвестираат средствата што беа собрани во првата фаза од CSR кампањата.

Текстот е дел од рубриката што ја реализираме во соработка со Скопско во рамки на платформата за општествена одговорност за заштита на македонските природни и културни обележја „Наша гордост. Наша одговорност.“

 

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg