Шпаркасе Банка – силен партнер на македонската економија и конкурентен двигател на домашниот пазар
- Детали
- среда, 22 мај 2024
Членовите на УО на Шпаркасе Банка ги презентираа рекордните достигнувања за 2023 година и ја претставија 5-годишната стратегија на Банката
Шпаркасе Банка го прошири менаџерскиот тим со двајца нови членови на Управниот одбор. Покрај Санел Кустурица како претседател на Управниот одбор и Нина Неданоска како заменик-претседател на Управниот одбор, Златица Цивкароски и Александар Џорџевиќ се новото засилување на Управниот одбор на Шпаркасе Банка.
Презентирајќи ги достигнувањата, Банката ја потврди својата позиција на пазарот како една од петте водечки банки во земјата. Во 2023 година, Банката оствари историски највисоки резултати, кои покажуваат 47 % зголемување на нето-добивката во однос на минатата година и зголемување во сите сегменти од своето работење, постигнувајќи пазарен раст далеку повисок од нивото на банкарскиот сектор во земјата.
Дополнително, Шпаркасе Банка во рамките на својата 5-годишна стратегија најави и силни инвестициски циклуси во нови технологии и дигитални решенија, инвестиции во инфраструктура, инвестиции во модернизирање и технолошко унапредување на својата продажна мрежа, но и значајни капитални инвестиции, кои треба да достигнат износ од 60 милиони евра.
„Шпаркасе Банка е значаен двигател на македонската економија и силен партнер на корпоративниот сегмент и сегментот население. Во тој контекст би сакал да истакнам дека 2023 година, беше историски гледано најдобра година за Шпаркасе Банка. Годината ја завршивме со вкупна актива од 1,5 милијарди евра, или 13,5 % раст во однос на 2022 година. Круна на сите овие постигнати резултати е остварениот нето-профит од 25 милиони евра, што е за 47 % повисок во споредба од 2022 година“, изјави Санел Кустурица, претседател на УО на Шпаркасе Банка.
Гледано низ призма на постигнатите резултати, експертиза и стабилноста што ја има на пазарот, Шпаркасе Банка прати јасна порака дека на клиентите им гарантира сигурност, искуство и иднина во која верува.
Банкарскиот сектор во земјата бележи подинамичен раст во кредитирање на населението, додека кај правните лица динамиката на кредитниот раст забави и во 2023 година изнесуваше 3,3%, но на страната на Шпаркасе Банка резултатите одат во нагорна линија.
„Банката ја потврди својата позиција на пазарот како пазарен лидер за корпоративни клиенти, остварувајќи пазарно учество во кредитирање правни лица од 17,3 % и пазарно учество од 17,1 % во делот на депозити за правни лица. Истовремено, важиме и за пазарен лидер во стимулирање зелена економија, поддржувајќи 54 проекти и инвестиции од 98 милиони евра и инвестиции во обновливи извори на енергија во вкупен износ од 92 милиони евра. Во сегментот население, пак, 2023 година ја завршивме со кредитното портфолио чие учество на пазарот изнесува 13,5 %“, истакна Нина Неданоска, заменик-претседател на УО на Шпаркасе Банка.
Новиот член на Управниот одбор на Банката, Златица Цивкароски потенцира дека банкарскиот сектор во државата е во солидна кондиција, ликвиден и добро капитализиран, што се докажа и преку имуноста да остане отпорен на сите предизвици со кои земјата се соочи во последните кризни периоди.
Александар Џорџевиќ, новиот член на Управниот одбор, истакнува дека една од најсилните стратегиски определби на Шпаркасе Банка е унапредување на квалитетот на услугите што Банката ги испорачува кон своите клиенти. Оваа определба е тесно поврзана со фокусот на Шпаркасе кон нејзината дигитална и инфраструктурна трансформација во насока на подобрување на задоволството на клиентите од една страна, и значајно поедноставување на интерните процеси од друга страна.
Во рамките на Платформата за општествена одговорност „Sparkasse Life“, Банката продолжува да поддржува проекти и иницијативи од различни области, како спорт, култура, образование, уметност, финансиската едукација.
Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Санел Кустурица ја претстави 5-годишната стратегија на Банката, во која е ставен фокус на четири клучни пилари: растот и развојот на Шпаркасе Банка кој треба да донесе 10% раст на бројот на клиенти, 11% раст на кредитното портфолио и 15% раст на депозитното портфолио. Кустурица најавува и 60 милиони евра инвестиции во инфраструктура и дигитализација за унапредување на квалитетот на услугите, 500 илјади евра вложувања во заедницата преку Sparkasse Life платформата за општествена одговорност и континуирано вложување во задоволството и професионалниот развој на вработените кои се движечка сила на бизнисот.