Прв регионален Health & Fitness форум во земјава
- Детали
- понеделник, 13 мај 2024
Под мотото „Expanding the scope of wellness” на 22 мај во во Хотел Мериот во Скопје ќе се одржи првиот регионален Health & Fitness форум во земјава со почеток од 9 до 15 часот.
Овој форум е одлична можност за сите фитнес и велнес професионалци и ентузијасти коишто сакаат да се вмрежат со врвни експерти од овие области, да ги дознаат најновите трендови и како да ги аплицираат во својата работа, но и сметаат дека е редно време оваа индустрија да се крене на едно повисоко ниво во земјава.
Преку низа говори и сесии, домашни и странски експерти од Македонија и поширокиот регион како Душко Спасовски, Озан Каракус, Бред Ѓорѓиев, Виолета Николов, Јана Хавдрова, Катја Делипавлова, Александар Колев, Милјан Грбович ќе го споделат своето знаење и практични совети.
Форумот е во организација на North Macedonia Active, асоцијација што веќе неколку години се залага да ги подобри стандардите и условите во фитнес и велнес индустријата во земјава.
Јосиф Дамјанов, претседател на North Macedonia Active, објаснува дека е потребна потесна соработка помеѓу давателите на спортско-рекреативни услуги, здравствените установи и образованието, за да има поголемо влијание и да се подобрат стандардите во оваа индустрија.
„Вежбањето и здравиот животен стил станаа трендови во денешното општество. Ова придонесува за зголемен интерес за настани што ги поддржуваат и промовираат овие трендови. Како што индустријата расте, така расте и потребата за подобри услови, што е една од целите на Асоцијацијата за рекреација и велнес. Од таму е и нашата инспирација и решеност овој настан да го направиме редовен и континуиран. Дополнително, со оглед на тоа дека во нашата држава не се случуваат настани на кои што може да се соберат професионалците од овие индустрии на едно место, решивме ние да бидеме пионери и иницијатори на истиот”.
Овој форум е наменет за сопственици на фитнес или велнес студио што сакаат да си ја прошират мрежата на контакти и соработници, лични тренери што се стремат да бидат екипирани со најновите трендови, вработени во здравствениот сектор или велнес индустријата, медицински лица што бараат идеја како да го интегрираат фитнесот во својата пракса, вработени во компании што имаат свое портфолио на продукти и услуги од областа на здравјето, фитнесот, велнесот и секако, велнес ентузијасти со љубов и интерес за здрав и активен живот.
Има многу можности за подобрување на велнес индустријата како гранка што носи огромна вредност за здравјето и благосостојбата на една нација, додава Магдалена Спасовска, потпретседател на North Macedonia Active.
„Пораката што сакаме да ја испратиме е дека оваа индустрија е меѓу единствените што прави вистинска разлика во превенција на хронични болести и подобрено ментално здравје на една нација. Следствено на тоа, носи и голема социо-економска вредност за државата. Имаме многу за подобрување на ова поле во Македонија и затоа е важен сечиј придонес. Дополнително, преку споделување на најновите информации, истражувања и трендови, сакаме да ја зголемиме свеста и знаењето за темите поврзани со здравјето и фитнесот”.
Ваквите настани ќе играат клучна улога во подигнувањето на велнес индустријата на повисоко ниво, објаснува Јосиф.
„Како прво, на овој начин се обезбедува платформа за размена на знаење и искуства помеѓу професионалците од индустријата. Преку предавањата, учесниците добиваат можност да учат од врвни експерти и да се запознаат со најновите трендови и иновации. Ова помага во унапредувањето на квалитетот на услугите што ги нуди индустријата. Второ, ги поврзуваат различните сектори во велнес индустријата, вклучувајќи фитнес тренери, нутриционисти, физиотерапевти, производители на опрема и други. Ова создава можности за соработка, што може да доведе до нови бизнис можности. Трето, ваквите настани ја подигнуваат свесноста за значењето на здравиот животен стил. Преку промоција на физичката активност, правилната исхрана и менталното здравје, форумот ќе инспирира поголем број луѓе да се грижат за своето здравје, што ќе резултира со зголемена побарувачка за велнес услуги. На крај, овие настани придонесуваат за јакнење на заедницата. Тие создаваат простор за градење на врски и соработки, што е важно за одржување и развој на индустријата на долг рок”.
Влезници за форумот можете да купите на овој линк: КУПИ БИЛЕТ ОВДЕ
За реализацијата на овој значаен настан, огромна благодарност им должиме на нашите спонзори и поддржувачи Samantha, Httpool by Aleph, Fitkit, Palestra Fitness Center, Coach Foods, TAKT и Europe Active. Нивната доверба и поддршка се клучни за успехот на форумот ја демонстрираат нивната посветеност кон промовирањето на здрав животен стил и подобрување на велнес индустријата.
Ве очекуваме заедно да ја обликуваме иднината на фитнесот и велнесот во земјава!