Дијабетес – препознај ги знаците, заштити го семејството: Одбележан Светскиот ден на борба против дијабетесот
- Детали
- четврток, 14 ноември 2019
„Дијабетесот не е само инсулин и боцкање. Дијабетесот е главна причина за срцеви заболувања, инфаркти, слепило, откажување на работата на бубрезите и ампутација на долните екстремитети. Еден од двајца заболени од дијабетес е недијагностициран. Раната дијагностика и лекување се клучни моменти во спречувањето или одложувањето на животно-загрижувачките компликации.“
Ова се само мал дел од заклучоците што се донесоа на денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари, со поддршка од Министерство за здравство, здруженија, институции и компании. Настанот се одржа во Деканатот на Медицинскиот факултет во присуство на голем број директори на здравствени установи, медицински лица и поддржувачи на заболените од дијабетес.
- Веќе немаме инсулинска криза, имаме и најнови генерации инсулин, имаме игли со различни димензии, кои, за жал, несоодветно се распределуваат низ инсулинските аптеки. Ова мора да го решиме. Воведовме нови ГЛП-1 агопнисти и ДПП-4 инхибитори. Очекуваме да се прошири листата на орални антидијабетици со нови терапии, како превенција од дијабетес. Добивме зголемен број инсулински пумпи, но немаме доволно обучен медицински кадар за истите пумпи да ги вградат на пациентите. Светските статистики велат дека еден од пет здравствени работници не се доедуцирани за дијабетес. Листата на пациенти што чекаат инсулински пумпи е огромна. И тоа не само деца, пумпи заслужуваат и малку повозрасните, како и оние што планираат да формираат семејства, а имаат потреба од инсулинска пумпа и сензори. Најголем проблем и понатаму ни остануваат глукометрите. Се обидовме заеднички да ги дефинираме стандардите и критериумите за глукометрите. Нема да се откажам од борбата додека не добијам глукометар што навистина ќе ги задоволува светските стандарди, кои се движат во правец на дигитална самоконтрола во домашни услови, преку која ќе им се олесни работата и на нашите доктори - се осврна на проблематиката Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Како признание за за континуираната поддршка на лицата со дијабетес и придонесот кон унапредување на квалитетот и достапноста на третманот, пациенти кои живеат со дијабетес цели педесет години му доделија посебна Плакета со благодарност за континуирана поддршка за лицата со дијабетес на Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.
Тој во своето кратко обраќање потенцираше дека Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување најквалитетен третман за сите пациенти со дијабетес мелитус и сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, нагласувајќи дека грижата за лицата со дијабетес и обезбедувањето соодветна инсулинска терапија е врвен приоритет на Министерството за здравство.
- Ова е еден значен сегмент од нашиот здравствен систем. Ние во овој изминат период се обидовме да започнеме да имплементираме процеси кои ќе значат превенција, рано откривање, соодветно третирање на дијагнозите, согласно светските здруженија. Еден сегмент од реформата во здравството, во периодот што следи, како дел од обврските на матичните лекари, што ќе им биде вметнат дури и во договорите, е рано препознавање на симптоми кај деца, доколку има сериозна индикација и дијагностички постапки за рано откривање на дијабет. А во следните нивоа на лекување. Мислам дека навистина заеднички постигнавме многу во изминатиот период, посебно со оригиналните инсулини, ги нема веќе тие проблеми за контролата на гликемијата, на компликациите што произлегуваа од дијабетесот. Се зголеми буџетот на програмата и се донесоа три нови инсулини, два нови аналози, значајно е подобрена контролата на третманот кај дијабетот како болест. Сега веќе зборуваме за поставување европски стандарди, нешто што не беше претходно замисливо. Во таа насока се водевме и при изработувањето на Стратегијата за дијабет. Планираме да почнеме со ревитализација на сите центри за дијабет ширум државата, со огромна поддршка од фармацевсткиот сектор - потенцираше министерот Филипче.
Меѓу присутните беа и претставници од Клиниките за Ендокринологија, Очни болести, Кардиологија, Нефрологија, како и претставници на повеќе агенции за лекови и медицински помагала.
- За дијабетесот кажани се многу вистини, но крајниот заклучок е дека сите ние, целата заедница, треба да се ангажира и да делува превентивно од најрана возраст на нашите деца, преку различните начини на превенција, посебно во начинот на исхрана и во начинот на живеење, преку многу физички активности. Соработката на Фондот за здравствено осигурување и „МАЛМЕД“ и секако лекарите кои го поврзуваат овој синџир, може да ги даде посакуваните резултати - изјави Висара Риза, директорка на Агенцијата за лекови и медицински помагала „МАЛМЕД“ – Скопје, добитничка на специјална благодарница за поддршката и посветеноста во обидите за унапредување третманот на лицата со ова заболување.
Сериозните прашања отворени на оваа манифестација своето заокружување го имаа со еден сосема симпатичен гест, кога човек од публиката стана и изјави дека со децении живее со дијабетес, а потоа со прстен ја запроси својата партнерка, која педесет години живее со оваа состојба.
Овогодинешните активности, покрај централниот настан вклучија и рекреативен сегмент во кој лицата со дијабаетес, но, и многу пријатели и поддржувачи се вклучија и беа дел од рекреативното искачување до средно Водно.