Хуманитарен пикник на Алкалоид - кревање на свесноста за значењето на чиста и здрава животна околина

Одговорната мисија која донаторскиот хепенинг ја негува веќе деветта година по ред, прерасна во вистински празник за членовите на големото семејство на ,,Алкалоид”.

humanitaren-piknik-na-alkaloid-krevanje-na-svesnosta-za-znachenjeto-na-chista-i-zdrava-zhivotna-okolina-01.JPG

Годинава, над 3000 присутни на овој настан оставија личен придонес во кревање на свесноста за значењето на чиста и здрава животна околина.  

На годинешниов хепенинг спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ чиј основач е „Алкалоид“, собрани се над 1.120.000 денари. 

Собраните средства ќе бидат донирани на здружението на граѓани „О2“ - иницијатива за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна околина. 

humanitaren-piknik-na-alkaloid-krevanje-na-svesnosta-za-znachenjeto-na-chista-i-zdrava-zhivotna-okolina-02.JPG

,,Особено сум горд што традицијата на донирање и помагање на заедницата во која сите ние живееме и функционираме продолжува веќе деветта година по ред и станува сѐ помасовна.

Кога се решаваше прашањето за намената на овогодинешната донација, кај сите консултирани веднаш добивавме акламација истата да биде наменета за борба против загадувањето. Навистина ми е драго што вработените во компанијата, нивните семејства и пријатели денес даваат мал но значаен придонес за кревање на свесноста за сериозноста на оваа појава.

Проблемот со загадувањето на животната околина е горлива тема која непосредно нѐ засега сите нас! Ако чистата животна околина значи ЗДРАВЈЕ и претставува колективна одговорност, тогаш верувам дека нашиот партнер на овој настан, граѓанската иницијатива ‘О2’ е легитимно избран и дека денешната донација ќе ја искористи за една навистина благородна цел: подобрување на квалитетот на животна околина, а со тоа и квалитетот на животот воопшто!” - истакна г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје.

Претставничката и еден од основачите на иницијативата „О2“, г-ѓа Ели Пешева, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ е доказ дека работите се придвижуваат во позитивна насока и во пракса, а не само теоретски. 

„Имаме проблем со загаден воздух, вода, почви, нема сегмент кој е чист, здрав и безбеден за граѓаните, пред сѐ за децата. Како активисти-волонтери, ние се трудиме да работиме на подигнувањето на јавната свест, но и да ги мотивираме и поттикнеме одговорните институции, сериозно да ги третираат последиците од загадувањето, за нас веќе карактеристично во текот на целата година, а не само за време на зимскиот период.

Благодарение на поддршката од ‘Алкалоид’ веруваме дека и на терен ќе можеме да покажеме дека со добро осмислени проекти и акции, секој од нас може да биде и корисен и одговорен кон животната средина. Заедно да бидеме пример и поттик за нашите сограѓани и секако, за новите генерации кои доаѓаат“ - истакна г-ѓа Пешева.

Здружението „О2“ е иницијатива која се залага за чист воздух, почва, вода, без индустриски црни точки, диви депонии, но со чисти реки и комплетно сочувана и заштитена природа.

Примарна цел на здружението е да се спротивстави на секое искористување и уништување на природата, секогаш барајќи практични, одговорни решенија кои се во тек со времето во кое живееме, притоа застапувајќи ги правата на сите граѓани за квалитетен живот во чиста и здрава средина. 

humanitaren-piknik-na-alkaloid-krevanje-na-svesnosta-za-znachenjeto-na-chista-i-zdrava-zhivotna-okolina-03.JPG

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg