„Детски денови“ за најмладите во Будва
- Детали
- понеделник, 05 август 2019
Во Петровец од 12 до 16 август на платото пред спомен-куќата „Црвена комуна“ на шеталиштето ќе се одржи фестивалот „Детски денови“, во организација на Туристичката организација на општината Будва.
Манифестацијата за најмладите ќе започне во понеделник (12 август) во 18:30 часот, со програмата „Детски игри и сплетки“, која ја осмислија воспитувачките Сандра Фустиќ и Ирена Томовиќ, додека од 20:00 часот ќе се одигра претставата „Седум Снежани и џуџето“ на културно креативниот центар „Акорд“ од Никшиќ.
За вторник, 13 август, е планирана анимација за најмладите во изведба на „Евент Монтенегро“ од Подгорица, а по неа детскиот актер и забавувач Шанта Панта ќе ја изведе претставата „Кој ти дава љубов“. Два настани се испланирани и за среда, 14 август: ликовна работилница и претставата „Скочидевојка“ на Драмското студио Будва.
Дружењето со кловнови е предвидено за четврток, 15 август, а Драмското студио Будва уште еднаш ќе им се претстави на најмладите гости со едукативната претстава „Море и пластика“. Уште една уметничка работилница е на распоредот за петок, 16 август, а по неа Младинскиот театар од Цетиње ќе ја изведе претставата „Црвенкапа“.
Сите програми се бесплатни и ќе се одржат во термините од 18:30 и 20:00 часот. Манифестацијата за најмладите гости и локалното население ќе продолжи и на 17 август, кога на Плоштадот на поетите во Стар град во Будва ќе се одржи забавна вечер со анимација, музика и танци, а програмата ќе започне во 19:00 часот.