Прв ден на Моден Викенд Скопје: Перформанс со 28 европски дизајнери, студентска ревија и нова колекција oд Јилка Брада

Во присуство на многубројна домашна и странска публика, минатата вечер официјално беше отворен шоурумот „Обединета мода“, со што се означи почетокот на деветнаесеттото издание од најголемиот моден настан во метрополата.

prv-den-na-moden-vikend-skopje-performans-so-28-evropski-dizajneri-studentska-revija-i-nova-kolekcija-od-jilka-brada-01.jpg

Присутните гости имаа ексклузивна можност одблизу да се запознаат со работата на 28 европски дизајнери и брендови, чиишто најнови колекции се изложени на промотивните штандови во зградата на Европски универзитет.

При свеченото отворање на 19-тото издание на Моден Викенд Скопје, дел нивните креации се преселија од закачалките на модната писта, во склоп на заедничкиот перформанс што ги обедини нивните различни естетски визии за сезоната есен-зима 2018-2019.

А, дека на македонската мода ѝ се насмевнува блескава иднина, одново докажа Европскиот универзитет, кој и годинава традиционално се претстави на Моден Викенд Скопје, овој пат со студентската модна ревија „Ив Сен Лорен и јас“.

Ревијата во која земаа учество осумнаесет студенти од насоката моден дизајн на Факултетот за арт и дизајн со педесет и пет модни изгледи, посветена е на креативното наследство на францускиот моден гениј Ив Сен Лорен.

Студентите имаа предизвик да направат сопствена интерпретација на креации од различни периоди на неговото творештво до 2002 година, кога тој се повлекува од создавањето модни колекции. Различните културни и уметнички влијанија, како модерната уметност, азиските и афричките култури, но и изразениот француски шик се препознатливи за неговиот моден идентитет.

Токму оваа ревија беше предводничка на претстојното предавање за влијанијата во неговото творештво - „Ив Сен Лорен: инспирациите на модниот гениј“, кое ќе го одржи Орели Самуел, директорка на музејот „Ив Сен Лорен“ во Париз, на 8 мај во просторите на Европскиот универзитет.

Програмата на првиот ден ја заокружи новата колекција „Prénda“ на познатата косовска дизајнерка  Јилка Брада, чијашто муза е божицата на љубовта и убавината, есенцијата на секоја жена што некогаш чекорела, или, пак, ќе зачекори на планетата Земја.

Таа е извор на непресушна инспирација. Таа е жестока, забавна и кревка. Таа е интелигентна и страсна, издржлива и емотивна. Таа ја покорува  светлината и темнината. Таа е практична и го исполнува светот со магија. Таа е убава одвнатре и однадвор. Таа ја отелотворува љубовта.

Колекцијата „Prénda“ е за вистински жени и одговара на сечиј женски карактер. Сите модни парчиња од неа ги слават аспектите кои ја прават секоја жена божица на убавината и љубовта.

Паралелно со споменатите ревиски случувања, своевиден празник за сетилата претставуваше и модната изложба придружена со филм од концептуалната платформа за европски дизајн „Иван Асен 22“, која по успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, конечно стигна и во нашата земја.

По завршувањето на официјалниот дел, пак, забавата продолжи на истата локација со звуците на диџејот Константин Влахо.

За маркантната шминка на манекенките е заслужен брендот Kryolan во соработка со школата за убавина Art, додека прекрасните фризури се благодарение на производите од Rebeel Professional , како и вештите раце на докажаните професионалци: Bube Studio In, Cool Cut и Станче Кипријанов.

*ФОТОГРАФИИ: AD Photography

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg