Охрид домаќин на Мишелин готвачот Џорџо Дијана на Taste Ohrid 2018!

За првпат оваа година љубителите на планинските спортови и одличната храна ќе можат да учествуваат на Taste Ohrid 2018, кој ќе се одржи од 12 до 14 октомври на повеќе локации низ Охрид.

ohrid-domakjin-na-mishelin-gotvachot-djordjo-dijana-na-taste-ohrid-2018-01.jpg

Италијанскиот шеф со Мишелин ѕвезда, Џорџо Дијана, за првпат ќе гостува во Македонија, а честа да ги пробаат неговите специјалитети ќе им припадне на сите оние кои ќе бидат дел од специјалната вечера во ресторанот на Su Hotel во сабота, на 13-ти октомври.

Меѓу другите гостински готвачи кои ќе ја збогатат гастрономската понуда се и српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ, романскиот шеф Раду Зарнеску и македонскиот шеф Дејан Карапеев. Како дел од програмата е предвидена обука на локалните готвачи на Факултетот за Туризам и Менаџмент, гала вечера и презентација и дегустација на разни локални и морски специјалитети за посетителите на фестивалот.

ohrid-domakjin-na-mishelin-gotvachot-djordjo-dijana-na-taste-ohrid-2018-02.jpg

Покрај светските специјалитети кои ќе бидат понудени на дегустација за посетителите на Taste Ohrid, интересна за посетителите ќе биде и понудата на реинвентирани македонски рецепти. Имено, користејќи локални производи и традиционални македонски специјалитети, локалните шефови Давид Санџакоски и Никола Ангелкоски, заедно со светските и локалните готвачи кои ќе присуствуваат на обуката одржана на Факултетот за туризам и менаџмент, ќе приготват нови вкусови за бесплатна дегустација на „After Work Sunset Party”, со почеток од 17 часот пред Su Hotel во петок, на 12-ти октомври.

Покрај гастрономската понуда на фестивалот, ќе бидат понудени содржини и за љубителите на адреналинските спортови и планинскиот туризам, па во рамките на спортскиот дел од фестивалот посетителите ќе можат да уживаат во прекрасните предели на националниот парк Галичица и Охридското Езеро преку организираните тури за велосипедизам.

ohrid-domakjin-na-mishelin-gotvachot-djordjo-dijana-na-taste-ohrid-2018-03.jpg

Секако, покрај гастрономското уживање и  спортските активности во текот на денот и попладневните часови, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а за таа цел ќе бидат организирани забави низ повеќе локални барови и ноќни клубови во Охрид.

Настанот „Taste Ohrid 2018“ е поддржан од Општина Охрид, ЕДЕН – туристички кластер за југо-западна Македонија и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Повеќе информации и пријавување за велосипедските тури на веб страната www.tasteohrid.mk.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg