Спектакуларно доживување на „Мала Италија патува 2“ со Павле Камилоски
- Детали
- четврток, 20 септември 2018
Долгоочекуваниот концерт на Павле Камилоски се случи вчера во преполната сала на Македонска опера и балет. Павле Камилоски воодушеви со својата изведба и ни ги претстави интернационалните култури на најдобар начин – со музика и танц.
Тој го започна концертот тргнувајќи од Италија и со својот прекрасен глас ни ја долови италијанската музика и култура. Настапот продолжи со француските и шпанските безвременски песни. Полн со емоции ни ја претстави и далматинската музика а концертот го заврши со македонските трајни музички дела. На сцената го придружија балетските уметници од Македонска опера и балет кои ја восхитија публиката.
Како специјален гостин на концертот, на големо изненадување на публиката се појави познатата македонска пејачка Наде Талевска. Концертот придружен од камерниот оркестар беше предводен од познатиот диригент Христо Христов од Софија, Бугарија. Концертот беше огромен спектакл кој Павле го заврши со македонската песна „Море сокол пие“ а публиката го испрати со силно ракоплескање.
Сите кои не успеаја да купат карти за вчерашниот концерт, имаат можност да присуствуваат на следниот кој ќе биде од хуманитарен карактер. Во петок, 21 септември во 20 часот сите заинтересирани можат да бидат дел од овој проект и да ги слушнат најубавите италијански, шпански и француски песни и да уживаат во звуците на „Мала Италија“. Средствата од продажбата на картите Камилоски ќе ги донира за потребите на Одделението за онкологија на Клиниката за детски болести во Скопје.