Џез импровизации со Васил Хаџиманов и Душан Јевтовиќ
- Детали
- четврток, 17 мај 2018
Вечерва, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб Станица 26, во организација на 3Гонга, скопјани ќе можат да уживаат во концертиот настап на српските џез виртуози гитаристот Душан Јевтовиќ, заедно со миленикот на нашата публика Васил Хаџиманов на клавијатури и Богдан Џурџевиќ на тапани.
Српскиот гитарист, кој е по потекло од Крагујевац, а долги години живее и работи во Барселона, Шпанија, го издаде својот петти по ред албум со наслов „No answer“. Новото издание за кусо време доживеја голем меѓународен успех со повеќе од 30 позитивни музички критики и рецензии ширум светот, а Душан оваа музика ја направи заедно со Васил Хаџиманов.
„Васил снимаше во студио со мене и сакавме да се вратиме на оној стар трио џезерски звук, кој беше популарен во 60те и почетокот на 70те години. Сакавме да направиме нешто интересно и мислам дека успеавме во тоа. Хаџиманов е навистина неверојатен со неговата лева рака и умее да направи чуда, многу е стабилен како музичар, врвен професионалец, така што знам дека направивме вистински потег соработувајќи заедно“ вели Јевтовиќ.
Инаку, Душан Јевтовиќ го вбројуваат во најталентираните европски гитаристи од помладата генерација, чиј музички сензибилитет критичарите го споредуваат со оној на Роберт Фрип. Неговата соработка со исклучителниот Васил Хаџиманов, едно од најголемите џез имиња на овие простори за кој и не е потребна посебна најава е интензивна изминативе години. Музиката на овие двајца талентирани и успешни музичари е своевиден амалгам од џез импровизации, во кои е вткаен дури и сензибилитетот на големиот Џими Хендрикс. И на сето тоа го додаваат и дискретниот шарм на српскиот етно фолклор. Овие музичари создаваат еклектична фузија од звуци, кои несомнено заслужуваат да бидат слушнати.