Компаниите сè повеќе заинтересирани за дигитални комуникации
- Детали
- понеделник, 13 ноември 2017
66% од корисниците имаат купено барем еден производ на Интернет.
Имињата на сите говорници кои ќе се појават на сцената на шестото издание на единствената конференција за дигитални комуникации во Македонија, AllWeb како и деталната програма се веќе објавени на allweb.mk. Програмата е поделена во три целини, во рамки на кои ќе се зборува за е-трговија (omnychannel, payment processors, analytics), перформанс маркетинг (PPC, conversions, optimization) и содржина (social media, influencer marketing, monetization).
“Интересот на публиката за годинешнава конференција е одличен, дури можам да кажам и поголем од очекуваниот“-вели Дарко Булдиоски, програмски директор на конференцијата. “Особено не радува фактот што многу нови мали и средни бизниси решија да се вбројат на листата компании кои сакаат да ги прошират знаењата и поимањето на дигиталниот маркетинг“- додава тој.
Дел од имињата на говорници кои до сега не беа објавени се Горан Секуловски и Милош Скокиќ, од Жишка, кои ќе зборуваат за тоа како да користите Инстаграм за да си помогнете во продажбата. Eјми Холанд ќе говори за т.н. чет ботови, а Дамјан Дамјановски- дигитален стратег и евенгелиста- својата презентација ќе ја фокусира на градењето стратегија и интегриран пристап во маркетингот.
Публиката на AllWeb ќе има можност ексклузивно да ги слушне резултатите од неодамна завршеното истражување за интернет продажба на производи за широка потрошувачка во Македонија. Истражувањето е спроведено за потребите на конференцијата од страна на Инсајдер ИД, агенција за истражување на пазарот. Резултатите ќе одговорат на прашања како: колку од корисниците на Интернет во Македонија купуваат онлајн; на која старосна група и припаѓаат купувачите; во која насока ќе се развива онлајн пазарот во иднина и сл.
Конференцијата е закажана за 17 ноември (петок) во Драмски театар во Скопје. Сите информации за влезниците, содржината на конференцијата и говорниците се достапни на allweb.mk.