Едукација на младите за правилен третман и рециклирање на отпадот
- Детали
- вторник, 28 февруари 2017
Во рамки на платформата „Дали рециклирате!?“, „Пивара Скопје“, заедно со Амбасадата на Холандија во Македонија и компаниите „Пакомак“ и „Нула отпад“, започна проект за едукација на младите за начинот и придобивките од рециклирањето и правилниот третман на отпадот.
Проектот се реализира преку иновативна и забавна театарска претстава „Зелена планета“ наменета за деца од прво до петто одделение. Театарскиот караван тргна од Скопје, со премиера во полната сала на Драмскиот театар, а планирано е оваа година претставата да ја видат уште најмалку 10.000 деца во десет градови ширум земјата.
„Со задоволство се вклучивме во овој проект затоа што неговата цел е да се развие свеста на најмладите за еден особено важен аспект од заштитата на животната средина, а тоа е соодветниот третман на отпадот, што за нас како компанија е особено значајна област во која вложуваме многу средства, знаење и енергија. Истовремено, среќен сум доколку и на ваков оригинален и забавен начин успееме да ги мотивираме новите генерации одговорно да се однесуваат кон животната средина и со тоа придонесат кон создавање на одржлива иднина за сите“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.
Во претставата, преку интересен и пред сé забавен начин, на децата им се пренесуваат пораки за значењето на селектирањето и третманот на различен вид отпад, почнувајќи од хартијата, пластиката, стаклото, лимената амбалажа, па се до електронскиот отпад.
„Како што е случајот и со Холандија, за секоја општествена промена потребна е здружена акција на државните институции, граѓанското општество, деловниот сектор и граѓаните. Заедно со Пакомак и Пивара Скопје континуирано се обидуваме да дадеме пример за ова – преку акции за чистење и возење велосипед, како и преку промовирање на одржлив начин на живеење. Ми претставува задоволство што денес заедно отпочнуваме нова иницијатива насочена кон запознавање на децата со културата на рециклирање, бидејќи децата секогаш се идните носители на општествените промени“, изјави Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.
Една од основните мисии на Пакомак е да создаде можности за селекција на отпадот од страна на сите граѓани со што ќе се минимизираат несаканите ефекти од амбалажниот отпад врз животната средина. Пакомак се обврза дека до 2020 година двојно ќе ги зголеми количините на собран и рециклиран амабалажен отпад.
„Една од пораките што сакаме да ги пренесеме на децата со оваа претстава е дека селекцијата на отпадот мора да стане навика и обврска на сите, исто како што е на пример одржувањето на личната хигиена. Едноставно сакаме кај нив да создадеме свест дека со мал напор може да придонесат за доброто на животната средина“, вели Филип Ивановски, извршен директор на компaнијата Пакомак.
Како дел од платформата „Дали рециклирате!?“, претходно беше реализирана и акцијата за чистење спроведена на дел од кејот на реката Вардар во Скопје, во чии рамки вработените на Пивара Скопје и на Холандската Амбасада, со логистичка поддршка од Пакомак, го собраа целокупниот сув отпад кој понатаму беше селектиран и рециклиран.