Кризниот центар „Надеж“ почна акција за помош на жртвите на семејно насилство
- Детали
- петок, 25 ноември 2016
По повод меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, 25 ноември, група на членки на кризниот центар „Надеж“ денес на плоштадот „Македонија“ во Скопје организираа герила – акција. На настанот кој беше реализиран во соработка со козметичката компанија AVON, активистките околу два часа држеа транспаренти на кои беа испишани статистики и пораки за семејното насилство. Воедно случајните минувачи можеа да се информираат и за невистинитите тврдења кои често може да се слушнат како дека мажите кои ги тепаат твоите жени се алкохоличари или дека насилството не е голем проблем со оглед дека секоја двојка повремено се расправа.
Компанија AVON на почеток на месецов донираше 10.000 долари на кризниот центар „Надеж“, организација која функционира веќе 16 години и има отворено СОС – линија и нуди правни совети, психолошка помош и сместување во првите денови откако жените – жртви го напуштиле домот каде биле малтретирани.
Средствата ќе бидат насочени кон подигање на свеста за овој проблем низ целата држава.
- Следната година ќе бидат организирани 12 работилници во пет градови и главната цел е да се влијае на начинот на кој се гледа на овој сериозен општествен проблем, да се подигне свесноста за неговото постоење и да се предочат симптомите и механизмите за заштита и барање помош. Во план се четири настани во Скопје и по два во Куманово, Струмица, Кичево и Струга на кои претставници од различни невладини организации и активисти ќе можат да се информираат и да стекнат соодветни вештини врзани со третманот на жртвите како и информации за самиот проблем – појаснуваат од „Надеж“. Посебен дел од работилниците ќе биде наменет за жртвите на семејно насилство на кои им треба психо-социјална рехабилитација, охрабрување и едукација за начините како да се стекнат со вештини за стекнување на финансиска независност, реквалификација и можности за реинтеграција во општеството преку враќање на самодовербата и храброста да отпочнат нов живот далеку од насилниот партнер.
Компанијата AVON досега има реализирано неколку успешни кампањи врзани со борбата против ракот на дојката, а ова е првпат да превзема посериозни чекори за помош на борбата против семејното насилство.
- AVON и на глобално ниво е насочена кон овие два сериозни проблеми кои во најголем процент ги погодуваат токму жените. Средствата кои беа донирани на „Надеж“ се собраа преку продажба на производи кои се обележани со симболот на бесконечност и 100 отсто од профитот е насочен за фондот за борба против семејното насилство. Секако, нашите активности не запираат тука и продолжуваме да работиме на нешто ново секако со несебичното залагање и поддршка од нашите Претставници кои ги продаваат производите на терен – посочуваат од AVON.
Серијата на работилници кои ќе ги реализира кризниот центар „Надеж“ почнува во февруари во Скопје.