Пакомак ќе ги учи децата за важноста на рециклирањето преку театарска претстава
- Детали
- вторник, 22 ноември 2016
Дали знаевте дека доколку ги рециклирате старите учебници од едно одделение ќе можете да изработите доволно количество на хартија за други нови учебници, или речиси 60 кг хартија кои се произведуваат од едно цело дрво?! Оваа и уште многу други корисни и едукативни информации во врска со рециклирањето и екологијата децата од основните училишта низ земјава ќе можат од близу да ги слушнат и доживеат преку претставата креирана токму за нив со поддршка и иницијатива на Пакомак, а во реализација на здружението за хумано општествен развој „Проект среќа“. Автор на претставата е Детското драмско студио ,,Детски свет“, при МНТ.
Овој театарски караван започна со градот Прилеп и има за цел да ги обиколи градовите низ Македонија во следните неколку месеци.
„Децата најдобро учат кога работите им ги пренесуваме низ игра, па така решивме овој проект да биде детска театарска претстава полна со интересни едукативни факти кои се лесно применливи во секојдневието. Сакавме да ја разбудиме детската фантазија и да ги предизвикаме некои од експериментите кои ќе ги прикажат младите актери и тие самите да ги применат. Селектирањето на отпадот и бенефитите кои средината може да ги почувствува се долгорочни и затоа вреди со сите расположливи сили да се движиме во таа насока“, вели Филип Ивановски, генерален директор на Пакомак.
„Првата изведба помина во одлична атмосфера како и што очекувавме во културниот дом Марко Цепенков во Прилеп. Беа одиграни две претстави пред две преполни сали односно повеќе од 1200 деца од основните училишта. Она што ми е најдраго е што сите се забавувавме и научивме многу нови работи. Содржината беше интересна за учениците, а верувам и самиот факт што инволвиравме деца актери кои се врсници на публиката игра важна улога во начинот на кој ќе биде прифатена. Ова е многу важен сегмент од воспитниот процес кај младата публика и би сакала да премине во долгорочен проект кој ќе се развива од годнина во година“, изјави Кристина Арнаудова основач на здружението за хумано општествен развој „Проект среќа“.
Ова е прва претстава од ваков тип во Македонија. После претставата во Прилеп овој театарски караван ќе продолжи во: Кавадарци, Скопје, Битола, Богданци, Струмица, Куманово, Штип. Целта е да се опфатат сите градови во земјава и што поголем број на дечиња да можат да бидат дел од претставата за да добијат едукација и информации за екологијата и рециклирањето на еден забавен начин.