За Светскиот ден на детето организиран хуманитарен настан „Сите сме Суперхерои“

По завршетокот на месец октомври – месец посветен на лицата со попречености, а пред  Светскиот ден на правото на секој човек, важно е да се посвети особено важно внимание на правата на детето.

za-svetskiot-den-na-deteto-organiziran-humanitaren-nastan-site-sme-superheroi-1.jpg

Во екот на одбележување на интернационалните денови, а по повод Светскиот ден на детето - 20ти ноември, Здружението на граѓани „Иновативни Мотиватори – ЈАС СУМ“, во соработка со Здружението за Дислексија „Ајнштајн“ и Центарот за младински активизам „КРИК“, организираат голем хуманитарен настан чија тема ќе биде „Сите сме Суперхерои“.

Настанот ќе се одржи во „Јавна Соба“ на 20ти ноември со почеток во 13:00 часот. На истиот ќе се дружат сите деца, oдносно децата со типичен развој и децата со посебни потреби, свое обраќање ќе имаат Александар Матовски – Цако, Филип Фиц Наков, Даријан Шекеров – креатор на „Слико Збор”, Aндроид апликација наменета за подобра комуникација на деца со аутизам и потешкотии во изразувањето и дефектологот д-р Маја Нечевска - Станкоска, додека пак забавата ќe биде разиграна од страна на аниматори – суперхерои.

Со својата позитивна енергија ќе учествува и Наташа Антонијевиќ, професор во школата за едукативно и рекреативно цртање и сликање „Ателје 49”, со чија помош ќе се одржат креативни ликовни работилници во неколку основни училишта при градот Скопје.

Предвесник на овој настан ќе биде Креативната ликовна работилница, која ќе се одржи на 16ти ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со почеток од  18:30 часот. Оваа креативна работилница ќе биде реализирана со помош на студенти од Факултетот за ликовна уметност и студенти по дефектологија кадешто сите деца ќе имаат можност да сликаат и да прават креативни изработки на тема „Биди Суперхерој“.

Сите цртежи и изработки ќе бидат изложени на продажната изложба на настанот на 20ти ноември а собраните средства од нивната продажба ќе бидат донирани за децата со неизлечиви болести од Детската Клиника во Скопје.

Целта на овој настан е да се разрушат предрасудите за децата со попречености како и да се стави фокус на еднаквиот третман кон секое дете, да се даде до знаење дека иако секое е различно на свој начин, секое од нив е од еднаква голема важност за општеството. Наша желба и цел е да ја подигнеме свеста и да ја поместиме границата за онолку колку што е потребно за да докажеме дека без разлика дали се работи за деца со типичен развој или за деца со посебни потреби, она што ги прави еднакви е големината на срцата што идентично чукаат во нивните гради!

На овој начин секое дете ќе помогне на некое друго дете, а најважно од сè e што секој ќе има можност да биде нечиј суперхерој.

Влезот за работилницата како и за изложбата е слободен, а единствено нешто што е потребно да понесете е позитивна енергија и добро расположение.

Бидете таму, Ве очекуваме.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg