Erste Breakfast – конференција во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка Македонија
- Детали
- петок, 30 септември 2016
Скопје – 29.9.2016 г. Четврта година по ред, во организација на Ерсте Банка и Шпаркасе Банка Македонија, во х. „Мериот“ се одржа конференцијата „Erste Breakfast“. Свое учество на оваа конференција имаа значајни аналитичари и експерти од оваа реномирана банкарска групација, како и од македонскиот финансиски сектор, кои ги дадоа своите предвидувања за движењето и развојот на финансиските пазари во Европа и во регионот. Како дел од своите обраќања, експертите и аналитичарите истакнаа и повеќе препораки за справување со глобалните и локалните предизвици што влијаат врз одржувањето на стабилна монетарна политика и стабилните услови за инвестирање во земјата и во регионот.
Во ова интересно време на предизвици во светската економија, ситуацијата со Брегзит што ѝ се случи на Европа, како и мигрантската криза, Македонија и оваа година се наоѓа на мапата на инвеститорите и е предмет на анализи што ги вршат исклучителни експерти од Ерсте Групацијата.
„Ова е четврта конференција на Ерсте Групацијата во Република Македонија. Финансиските пазари ги интегрираат сите информации, како меѓународните, така и домашните, и преку анализата на тие информации може да се предвидат идните економски движења. Од она што досега го слушаме, економската обнова во регионот и во Европа добива на моментум. Исто така, централните банки продолжуваат со акомодативната монетарна политика, со очекување дека Централната банка на СAД првото зголемување на каматните стапки ќе го направи во декември годинава, а најверојатно лабавата монетарна политика ќе продолжи во Европа некаде до март/април наредната година. Од тој аспект е и реакцијата на финансиските пазари, каде што цените на акциите почнуваат да растат, а цените на недвижностите во високоразвиените земји го достигнуваат својот максимум. Во Република Македонија овие тенденции се поблаго изразени имајќи ги предвид и политичките случувања, а исто така и мигрантската криза, и да се надеваме дека со решавањето на овие фактори, движењата што се присутни во регионот ќе зајакнат и во Република Македонија“ - изјави претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка, г. Бишев.
Се надеваме дека оваа конференција ќе претставува поголема инспирација за сите аналитичари и финансиски експерти да дадат свој придонес во расветлување на можностите за поголем економски развој и поголема транспарентност за инвестирањето во земјата и во регионот.
Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје е дел од Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, која бележи речиси 2 века постоење на финансискиот пазар во Р. Австрија и претставува синоним за стабилност, сигурност и континуитет во работењето со изграден и препознатлив бренд. Воедно таа е една од најсилните банкарски групации во Европа, која со својата долгорочна стратешка ориентација кон регионот на Југоисточна Европа дополнително ја зацврстува позицијата на Шпаркасе Банка Македонија како доверлив партнер на сите групи клиенти. Шпаркасе Банка Македонија зaедно со сестринските банки во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и во Црна Гора, е дел од најсеопфатните банкарски мрежи во регионот.
Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со својата билансна сума од 14,4 милијарди евра, повеќе од 2.300 вработени и преку 230 експозитури и регионални центри опслужува речиси 700.000 клиенти.