„Стави точка“ - Камениот Мост засвети во портокалово во поддршка на кампањата против насилството врз жените
- Детали
- четврток, 26 ноември 2015
Делегацијата на ЕУ и семејството на ОН, заедно со националните партнери, ги здружуваат силите во поддршка на 16 – те дена активизам против родовото насилство. Меѓународната кампања има за цел подигнување на свеста за овој социјален феномен преку организирање на низа активности кои ќе допринесат за „ставање точка“ на насилството врз жените и девојките ширум светот.
Глобалната кампања се спроведува секоја година во текот на 16 дена од 25 ноември – Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права. Под мотото „Обојте го светот во портокалово: Ставете точка на насилството врз жените и девојките“, препознатливи национални обележја низ целиот светот, историскиот Камен Мост во Скопје, живописните Нијагарини водопади во Америка, древната Петра во Јордан и колевката на ЕУ во Брисел, ќе засјајат во портокалово и ќе ја пратат универзалната порака за свет без насилство.
Во рамките на кампањата, во нашата земја ќе се организираат серија на настани, вклучувајќи формирањето на „портокалова панделка“ од луѓе низ целата држава, дебати за млади, како и анимирање на различни чинители вклучени во процесот.
„Насилството врз жените е истовремено и најшироко распространетата и најмалку препознаената повреда на човековите права во светот. Токму затоа, борбата против него претставува прашање од највисок приоритет за Обединетите нации.“ - потенцира Луиза Винтон, Постојаниот координатор на Обединетите нации
„Родовото насилство претставува брутален облик на дискриминација и кршење на основните права,“ изјави амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав. „Тоа е истовремено и причина за и последица на нееднаквоста меѓу мажите и жените.“
Статистичките податоци покажуваат дека една од три жени во Европа доживува родово насилство во текот на својот живот. Резултатите од последното истражување на ЕУ на 42.000 жени од сите 28 земји-членки јасно покажуваат дека седум проценти од сите жени биле предмет на физичко насилство во текот на една година. На ниво на ЕУ тоа значи 62 милиони жени - жртви во текот на животот и 13 милиони жени - жртви во текот на само една година.
Студијата за судските предмети, поддржана од Организацијата за жени на ОН, покажува дека во нашата земја 93% од сторителите се мажи, а 82% од жртвите се жени. Во само 4% од предметите, мажите се жртви на насилство извршено од страна на жените.
Донесувањето на новото законодавство во државата посветено на борбата против семејното насилство значи исчекор за земјата, но потребни се натамошни напори за спречување на злоупотребата, заштита на жртвите и казнување на сторителите.
Европската Уунија и агенциите на ОН во земјата се посветени на обезбедување поддршка за напорите на сите чинители - за преточување на правните гаранции во суштински промени на начинот на кој што полицијата, обвинителите, здравствените и социјалните работници ги извршуваат своите должности. Ратификацијата на „Истанбулската конвенција“ на Советот на Европа ќе претставува одраз на натамошниот напредок.
Во согласност со конвенциите на ОН за родова еднаквост, агенциите на ОН во земјата, заедно со Владата и невладиниот сектор, работат во правец на обезбедување поддршка за донесување политики и практики поврзани со борбата против родовото насилство. Организацијата за жени на ОН и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) поддржуваат бројни истражувања, експертиза, обуки и советувања што треба да го унапредат процесот на делување. Истовремено, родовата еднаквост и елиминирањето на родовото насилство, исто така, се во сржта на новите Цели за одржлив развој што беа усвоени од сите земји-членки на ОН во септември 2015 година.
Европската Унија работи на ова поле преку законодавни и практични мерки во однос на правата на жртвите. Унијата финансира и поддржува активности за подигнување на свеста за борбата против родовото насилство и го овозможува развојот на заеднички решенија меѓу ЕУ и европските земји преку размена на добрите практики. ЕУ спроведува широки и сеопфатни активности за собирање на податоци и анализа на зачестеноста на родовото насилство во цела Европа; Европскиот институт за родова еднаквост беше основан за да им обезбеди поддршка на земјите-членки и на ЕУ во оваа смисла. Европската комисија неодамна објави нова Рамка за родова еднаквост и зајакнување на положбата на жените што се заснова врз научените лекции од Родовиот акциски план 2010-2015 г. за посилна структура за следење и отчетност што става посебен акцент на борбата против насилството врз жените и девојките. Во земјата, нов твининг проект за родова еднаквост финансиран од ЕУ се спроведува заедно со Министерството за труд и социјална политика со цел унапредување на родовата еднаквост во низа различни сектори – од носењето одлуки до руралниот развој и борбата против семејното насилство – и во соработка со клучните партнери и претставниците на женските движења од граѓанското општество.