Трогателното остварување „И понатаму Алис“ од утре во кината!

Трогателното филмско остварување „И понатаму Алис“, кое ја преиспитува силата на жената и семејството, од утре ќе се најде на репертоарот на кината. Главната улога во филмот „И понатаму Алис“ ја игра извонредната Џулиен Мур, која токму за овој филм, покрај бројните други награди (Златен глобус, БАФТА…) е наградена со Оскар за најдобра главна женска улога. Филмот се базира на романот на Лиса Џенова, а го режираа Вош Вестморленд и неодамна починатиот Ричард Глејчер.

trogatelnoto-ostvaruvanje-i-ponatamu-alis-od-utre-vo-kinata-01.jpg

Мур го толкува ликот на 50-годишна реномирана професорка по лингвистика на Универзитетот Колумбија, која на предавањата почнува да го губи текот на мислите, а во една ситуација додека џогира на капусот буквално не знае каде се наоѓа. Повременото губење на паметењето и заборавањето на зборови ја доведува кај невролог кој поставува дијагноза - ран стадиум на Алцхајмер. На почетокот Алцхајмерот значи губење по улиците на Менхетн, но набрзо - премногу брзо за нејзиниот маж (Алек Болдвин) и трите возрасни деца - значи и многу повеќе. Иако новата состојба го става нејзиниот брак на тест, Алис добива можност повторно да се зближи со најмладата ќерка Лидија (Кирстен Стјуарт) со која никогаш не се согласувала.

Фактот што Алис целиот живот ги изучувала јазиците и комуникацијата, станува моќно средство во борбата против Алцхајмерот. Алис крадешкум пишува зборови, не може да се сети колку јајца треба да стави во рецептот, па “гугла“ за да провери, сама себе си остава видео-пораки за деновите „кога нема да можеш повеќе да одговараш на прашања“. Мозокот неповратно и' умира и таа заборава зборови кои се “пред неа“, но “не може да ги дофати“.

Во обраќањето по повод Оскарот за главна женска улога во филмот „И понатаму Алис“, Џулиен Мур истакна дека филмот фрла светлина на Алцхајмеровата болест и дека луѓето со Алцхајмер заслужуваат да бидат видени. 

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg