Биди и ти дел од ѕвезденото небо за Тоше!
- Детали
- петок, 03 октомври 2014
За да не се заборави последната средба и најубавата насмевка. За да не престане да живее во музиката, во песните и во очите кои едвај го чекаа.
Уште еднаш да се потсетиме на најубавиот концерт, на најгласното пеење, на најсилниот аплауз и на најголемото ѕвездено небо кое тој посака никогаш да не се изгаси.
Илјадниците фанови кои беа присутни на Градскиот стадион во 2007 година нема никогаш да ја заборават најпозитивната енергија и моментите кои не ни помислуваа дека ќе бидат последни.
Но, овој ден никако не смее да биде тажен. За Тоше треба да се сеќаваме со љубов, со песна и аплауз. Така заслужува.
Токму затоа, секоја година на истиот датум фановите се собираат на едно место, каде уште еднаш се потсетуваат на целиот концерт и сите незаборавни моменти, насмевки, зборови, рефрени.
Оваа година, на 05.10.2014 (недела) од 19:30 до 22:00 часот на плоштадот Карпошово востание, пред Музејот на холокаустот, ќе биде поставен видео бим пред кој ќе може сите да се собереме и уште еднаш заедно да го направиме ѕвезденото небо само за Тоше.
Главен организатор е Официјалниот фан клуб на Тоше Проески, но тие не сакаат да се делат од сите останати фанови и напоменуваат дека сите кои ќе дојдат и ќе бидат дел од ѕвезденото небо се и организатори на целиот настан.
Да не се заборави и да се почитува најсилната порака на Тоше: „За среќа, јас и моите обожаватели дишеме како едно“.
Да не заборавиме да му го покажеме тоа, да го зачуваме и секогаш да го славиме овој ден како најубава средба.
Бидете и вие дел од ѕвезденото небо за Тоше!